• понеделник, 23 декември 2024

Побарани мерки на претпазливост за скопјанката осомничена за лажно пријавување кривично дело

Побарани мерки на претпазливост за скопјанката осомничена за лажно пријавување кривично дело

Скопје, 25 ноември 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишна жена осомничена за лажно пријавување кривично дело.

Како што информира Јавното обвинителство, јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост. Тоа се забрана за напуштање на живеалиште, обврска на осомничената да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патната исправа или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање нова.

Осомничената, како што се наведува, вчера лажно пријавила друг дека сторил кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност. Таа пријавила дека на 11 јули се породила со машко дете на Гинеколошко-акушерска клиника (ГАК) – Скопје. Детето било хоспитализирано во Клиниката и задржано за понатамошно лекување,  а таа во повеќе наврати била сама и го посетувала на клиниката.

На 23 ноември, на иницијатива на нејзиниот невенчан сопруг, отишле најпрвин на Клиниката за детски болести, каде наводно било хоспитализирано детето во тој момент. Таткото побарал да го види бебето, но биле известени дека такво бебе не било примено и донесено на лекување на клиниката. Потоа отишле на ГАК, каде по направените проверки во системите биле известени дека во текот на 2023 година осомничената воопшто не била примена ниту породена на таа клиника.

- Со преземените дејствија по наредба на јавен обвинител беше утврдено дека осомничената го довела во заблуда нејзиниот партнер и лажно пријавила дека нејзиното новородено дете исчезнало, односно било одземено од непознати лица, иако знаела дека тие не се сторители на кривично дело, со што постои основано сомнение дека осомничената е сторител на лажно пријавување на кривично дело, се вели во соопштението од Јавното обвинителство. мд/свс/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан