• петок, 22 ноември 2024

ПОА објави дека целосно преминува во МПЦ-ОА

ПОА објави дека целосно преминува во МПЦ-ОА

Скопје, 28 јуни 2023 (МИА) - Досегашната Православната Охридска Архиепископија (ПОА) денеска објави дека целосно преминува во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) и оти веќе нема да објавува нови содржини на официјалната интернет страница, иако таа и натаму ќе остане достапна за читателите.

- Православната Охридска Архиепископија, која ја исполни смислата на своето административно постоење како автономна Црква во канонското подрачје на Српската Православна Црква, сведочејќи го единството на Црквата сиве изминати 20 години, повеќето поминати во гонења и понижувања, по давањето на автокефалијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија од страна на Српската Православна Црква и прифаќањето на сите архиереи на Православната Охридска Архиепископија да бидат под јурисдикција на споменатата Црква, целосно преминува во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и ја прекинува секоја надградба на содржините на официјалната интернет презентација на Православната Охридска Архиепископија.

Бидејќи постои заинтересираност за повеќето од содржините презентирани на оваа интернет страница, до страницата и понатаму ќе биде можен интернет пристап, благодарение на спонзорот кој ќе ги подмирува трошоците кои ги испорачува понудувачот на интернет услугата, но страницата веќе нема да се надградува со нови материјали, се наведува во соопштението од ПОА објавено на веб страницата на македонски, на грчки и на руски јазик.

Синодот на МПЦ-ОА на 20 јуни ја формализираше одлуката за приклучување на ПОА, а нејзините архиереи ги прифати во своја канонска јурисдикција, назначувајќи ги за епархиски управители.

За Крушевско-демирхисарската епархија е назначен митрополитот г. Јован, со титула митрополит Крушевско-демирхисарски, за Дељадровско-илинденската епархија епископот г. Јоаким, со титула епископ Дељадровско-илинденски, а за Делчевско-каменичката епархија епископот г. Марко, со титула епископ Делчевско-каменички. Епископот г. Давид е назначен за викарен епископ на Скопската епархија, со титула епископ Дремвитски.са/

Остани поврзан