• петок, 05 декември 2025

ПМФЛ: Башкими пресилен за Шкупи, гостинска победа на Арсими во Кавадарци

ПМФЛ: Башкими пресилен за Шкупи, гостинска победа на Арсими во Кавадарци

 

Скопје, 24 октомври 2025 (МИА) – Во двата воведни натпревари од 10. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Башкими го совлада пред своите гледачи Шкупи со 4-1, додека Арсими триумфираше на гостински терен над Тиквеш во Кавадарци со 4-3.

Башкими беше убедлив во пресметката со последнопласираниот Шкупи и до својата петта сезонска победа дојде со головите на Алексовски (10 минута), Симоновски (26), Аворнио (45+3) и Хаџиќ (54), додека почесниот гол за Шкупи го постигна Шуку (40, пенал)

Предноста на домашниот терен не успеа да ја искористи Тиквеш, иако до 84 минута имаше предност од 3-1 со двата гола на Садик (38, 41) и Ивановски (54). Воведниот гол за Арсими го постигна Шефити (48), кој од 85. до 87. минута постигна уште два гола, а целосен резултатски пресврт за Арсими донесе Таипи во судиското продолжение.

Во рамки на 10 прволигашко коло, Работнички утре ја пречекува Македонија ЃП, додека лидерот Струга е домаќин на АП Брера.

Пелистер в недела му гостува на Силекс во Кратово, додека 10 коло ќе биде комплетирано в понеделник кога Шкендија ќе му биде домаќин на Вардар.

Табела: Струга 23, Вардар 21, Шкендија 21, Силекс 18, Башкими 18, Македонија ЃП 12, АП Брера 12, Арсими 11, Тиквеш 8, Пелистер 7, Работнички 5, Шкупи 1. ег

ФОТО: Арсими/Фејсбук

Остани поврзан