• вторник, 24 декември 2024

Плико со бел прав испратено во домот на Доналд Трамп помладиот на Флорида

Плико со бел прав испратено во домот на Доналд Трамп помладиот на Флорида

Мајами, 27 февруари 2024 (МИА) - Екипи за итни случаи експресно реагирале откако плико со неидентификуван бел прав бил испратен во домот на Доналд Трамп Јуниор, најстариот син на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Извор запознаен со случајот кажа дека резултатите од испитувањата на супстанцата се нејасни, но официјалните лица не веруваат дека е смртоносна, пренесува Еј-Би-Си Њуз (ABC News). 

Трамп помладиот го отворил писмото во својата канцеларија на Флорида, а членовите на специјалните служби облечени во заштитни одела брзо реагирале. 

Полицијата соопшти дека истрагата ја спроведува шерифот на Палм Бич, во соработка со американската тајна служба, но не даде повеќе детали. 

Трамп Јуниор често ги води предизборните активности на неговиот татко, а ова е вторпат да му се испраќа белиот прав. Во 2018 година, неговата тогашна сопруга Ванеса била однесена во болница во Њујорк, откако отворила плик адресиран до нејзиниот сопруг, во кој имало неидентификуван бел прав. Полицијата подоцна соопшти дека супстанцијата не е опасна. 

Во март 2016 година, полициските детективи и агенти на ФБИ истражуваа заканувачко писмо упатено во станот на Менхетен на братот на Доналд Трамп, Ерик, што, исто така, содржеше бел прав, за кој подоцна се утврди дека е безопасен. 

Пликоа со бел прав, исто така, двапати пристигнаа во 2016 година во кулата Трамп, која служеше како изборен штаб на Трамп. 

Стравот од пликоата со бел прашок датира од 2001 година, кога до канцелариите на двајца американски сенатори беа испратени писма со смртоносен антракс, а пет лица починаа како последица на инфекцијата. сд/

фото: Х

Остани поврзан