• петок, 22 ноември 2024

„Плејбек театар“ на импровизација во организација на здружението „Амигдала“

„Плејбек театар“ на импровизација во организација на здружението „Амигдала“
Скопје, 25 јуни 2022 (МИА) - Во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје вечерва ќе се одржи културен, забавен и едукативен настан насловен „Плејбек Театар“. „Плејбек театарот“ претставува оригинална форма на театар на импровизација, во која публиката е таа што ја раскажува приказната, а актерите преку специфични техники ги развиваат и засилуваат раскажаните приказни, враќајќи им ги на гледачите како во огледало. Влезот е бесплатен. Организатор на настанот е Здружението за психотерапија и едукација „Амигдала“, во соработка со Алтернативниот театар „Отпишани“. Едукатор и водител на настанот е психологот Мирјана Јовановска Стојановска, продуцент е Марјан Анѓеловски, а ќе учествуваат актерите Елена Ѓорѓевска, Огнен Велевски, Јасмин Рамани, Ристе Мицевски и Сара Николовска, Ивана Стамевска и Марјан Анѓеловски. Настанот е интерактивен, актерите и публиката заедно ќе креираат „сигурно место“ каде што ќе можат да бидат раскажани и донесени доживувања, преживувања, дилеми, размислувања, настани и се што членовите на публиката ќе го донесат со себе. Водачот на актерската група ќе ја покани публиката да раскажат свои приказни. Актерите ќе го одиграат на сцената овозможувајќи на раскажувачот на приказната и на публиката да отворат нови хоризонти на гледање и доживување на раскажаната приказна. На раскажувачот ова ќе му овозможи да може да се види себе си, своите доживувања, емоции и однесување од страна што му овозможува да гради нови стратегии за справување со животот. Така едена по една актерите на сцената ќе ги одиграат приказните на публиката, секогаш водејќи посебна грижа за раскажувачот. Настанот е поддржан од Министерството за култура, како проект од национален интерес од областа на драмската дејност за 2022 година. сп/

Остани поврзан