• понеделник, 23 декември 2024

Дубровник форум: Хрватска ќе и помогне на Украина

Дубровник форум: Хрватска ќе и помогне на Украина

Загреб, 8 јули 2023 (МИА) – Хрватска може да и помогне на Украина на „повеќе начини“, а посебно во области за кои имаме „несреќно искуство“ од Татковинската војна, а тоа се деминирање и прашањето за одговорност за воени злосторства, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на 16. Дубровник форум 2023.

- Планираме да го завршиме процесот на деминирање до 2026 година. Значи, 35 години зборуваме за деминирање на територија што е значително помала од територијата на Украина, истакна Пленковиќ на отворањето на Форумот во Дубровник на кој присуствуваат и претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел и генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Покрај Украина, на Форумот се разговараше и за неопходноста од проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Пленковиќ наведе дека Хрватска со години им кажува на своите партнери од ЕУ дека Унијата не е доволно вклучена во регионот, што другите актери ќе го искористат и дека ситуацијата во овој поглед се променила во 2018 година, кога Бугарија претседаваше со ЕУ.

Тајани истакна дека Западен Балкан е приоритет за италијанската Влада, нагласувајќи дека е неопходно да се поддржи полноправното членство на Украина и на земјите од Западен Балкан во ЕУ. 

За Италија е важно да го запре приливот на илегални мигранти преку медитеранските и западнобалканските рути, па Тајани апелираше за заедничка борба против „шверцерите на луѓе“.

- Мораме да дејствуваме заедно против илегалната имиграција. Мора да ги запреме шверцерите. Италија не може да го направи тоа сама или Хрватска сама, посочи Тајани.

Додека Борел се осврна на ЕУ геополитички актер, потенцирајќи оти Унијата „не е воен сојуз, но ниту невладина организација, која само проповеда добро однесување и владеење на правото. Во светот во кој живееме, многумина не се грижат за правилата и се подготвени да употребат сила. Украина е последниот пример, посочи Борел. ми/

фото: ХИНА

Остани поврзан