• понеделник, 23 декември 2024

Планинарски марш во чест на Димитар Илиевски-Мурато, првиот Македонец кој го освои Монт Еверест

Планинарски марш во чест на Димитар Илиевски-Мурато, првиот Македонец кој го освои Монт Еверест
Битола, 10 мај 2022 (МИА) - На 10 мај 1989 година, битолчанецот Димитар Илиевски-Мурато како прв македонски алпинист се искачи и го освои највисокиот планински врв на светот Монт Еверест, висок 8.848 метри. Македонската јавност никогаш нема да го заборави разговорот меѓу Димитар Илиевски-Мурато и членовите на македонската алпинистичка хималајска експедиција, што го водеа тој ден, кога Диме ја освои Кралицата на Небото, Сагармата-Монт Еверест и легендарната фотографија снимена на врвот на планетата, точно во 18 часот по локално време. – Диме, како си? – Ептен убо…, одговора Диме, по битолски... – Диме, сите сме горди со тебе! Браво, Диме! – И ние тука сме среќни, одговара Диме, придружуван од локалните шерпаси Сонам и Аџива и два планинари од Хрватска и Словенија, Стипе Божиќ и Вики Грошељ, сведоци на историскиот настан. Македонија! Мацедонија! Е,ееее Македонија – пееја, тогаш македонските планинари и неколку шерпаси. Како што е познато на 10 мај 1989 година Димитар Илиевски-Мурато, член на македонската алпинистичко-хималајска експедиција „Еверест 89“, се искачи на највисокиот врв на светот, развиори знаме, и дури 80 минути бил на највисоката точка на планетата Земја, но, за жал, не успеа да се врати до базниот логор, останувајќи вечно на Хималаите. Македонските планинари, организирани од планинарскиот спортски клуб ПСК „Пелистер“ и годинава со планинарски марш му оддадоа почит на Мурато на Димев Врв, а пред неговата спомен-биста на Баба Планина приредија сеќавање за големиот подвиг на Димитар Илиевски-Мурато. мт/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан