• понеделник, 01 јули 2024

Пивофест во весела атмосфера и со илјадници посетители

Пивофест во весела атмосфера и со илјадници посетители

Прилеп, 15 јули 2022 (МИА) - Првиот ден на 18. Пивофест во Прилеп помина во весела и мирна атмосфера, без ниту еден инцидент, беше соопштено на денешната прес-конференција за одржувањето на една од најголемите летни манифестации на овие простори.

Според портпаролот на фестивалот, Веле Марковски, на првиот ден имало голем број посетители, што било и големо пријатно изненадување.

- Најважната информацијата за Пивофест е што првиот фестивалски ден помина во весела и пријатна атмосфера без ниту еден инцидент. Според нашите статистики и податоците од институциите, во текот на вчерашниот ден, од пладне па и вечерта до раните утрински часови имаше околу 30 000 посетители и гости. Од изутрината, вработените од прилепски Комуналец беа на висината на задачата и градот беше целосно исчистен. Сместувачките капацитети во градот и во соседството се полни, резервирано е за целиот викенд. Тоа значи и за вечерашните и за изведувачите в сабота и в недела има голем интерес, рече Марковски.

Програмата на главната сцена вечерва започнува во 19 часот, а настапуваат Рок Блуз Бенд, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Нокаут, Ареа, Дивље Јагоде, Brass Brothers, додека, пак, на алтернативната сцена ќе настапaт DJ Anna Noodle и Lili Diva. 

На прес-конференцијата, гитаристот на популарната група „Дивље јагоде“ од екс-ју просторите, Зеле Љиповача, рече дека првпат се на Пивофест, но, најавуваат незаборавен концерт.

- Првпат гостуваме во Прилеп и на Пивофест, иако знаеме дека фестивалот е еден од најголемите на Балканот. Ветуваме дека ќе има добра забава и незаборавно поминато време на публиката, рече Љиповача.

Утре и в недела, организаторите очекуваат уште поголема посетеност на Фестивалот. В сабота, на 16 јули, програмата на главната сцена е од 18:45 часот, а настапуваат Ламбе Алабаковски, Некст Тајм, Лозано, Суперхикс, Хари Мата Хари и Вера Јанковиќ, додека, на алтернативната сцена ќе настапат момците од ROOMMANIA: DJ Mitrik, DJ Alexandar и DJ Dimitr. ем/ар

Остани поврзан