• понеделник, 23 декември 2024

Пештерските луѓе користеле лак и стрела и пред 54.000 години

Пештерските луѓе користеле лак и стрела и пред 54.000 години

Лос Анџелес, 23 февруари 2023 (МИА) - Пештера во Франција открива докази дека човекот на „Стариот Континент“ користел лак и стрела и пред околу 54.000 години, многу порано отколку што беше претходно познато.

Употребата на лакот и стрелата во Африка се случувала уште пред 70.000 години. Но, досега најстариот доказ за стрели во Европа беше откривањето на лакови и стрели во мочуришта во северна Европа, особено Германија, коишто се стари 10.000 до 12.000 години. Така, истражувањето објавено во списанието „Сајенс адвансес“ (Science Advances) го враќа времето на стрелањето во Европа за повеќе од 40.000 години.

Новите испитувања ја опфаќаат пештерата Мандрин во областа Рона во јужна Франција. Местото содржи археолошки остатоци од пред 80.000 години и повеќе.

Научниците веќе документираа дека неандерталците и нивните современи „роднини“ - Хомо-сапиенс наизменично ја населувале Мандрин. Нивото познато како „Слој Е“ каде што е најдени археолошките наоди се припишува на присуството на хомо-сапиенс пред околу 54.000 години. 

„Сепак, неандерталците кои ја населувале Мандрин продолжиле да користат традиционално оружје како што се копја и не развиле оружје со механички погон“, појасни Лор Мец од Универзитетот на Марсеј.  

„Затоа, традициите и техниките совладени од овие две популации биле суштински различни, што ја илустрира извонредната објективна техничка предност на денешните луѓе за време на нивното ширење на европскиот континент“, додава таа.

Мец е една од авторките на научниот труд, заедно со Лудовик Слимак од Универзитетот на Тулуз. Според неа, жителите на пештерата обично ловеле коњи, бизони и елени, а во наоѓалиштето се пронајдени и коски.  си/паг/

Фото: Википедија

Остани поврзан