• петок, 05 декември 2025

Пешевска на работилница „Остварување на еднаквите можности меѓу жените и мажите во и од парламентите“ во Хелсинки

Пешевска на работилница „Остварување на еднаквите можности меѓу жените и мажите во и од парламентите“ во Хелсинки

Скопје, 4 јуни 2025 (МИА) - На иницијатива на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) со поддршка на Парламентарното собрание на ОБСЕ, претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите Жаклина Пешевска учествуваше на дводневната работилница на тема „Остварување на еднаквите можности меѓу жените и мажите во и од парламентите“ која се одржа вчера и денеска во Хелсинки, Република Финска.

Целта на работилницата, како што информира собраниската прес-служба, е разгледување на националните законодавства и практики на парламентите од Европа и Централна Азија во поглед на еднаквите можности на жените и мажите.

Настанот го отвориле Тарја Филатов (Tarja Filatov), потпретседателка на Парламентот на Финска, Пиа Каума (Pia Kauma), претседателка на Парламентарното собрание на ОБСЕ и Теа Џалиашвили (Tea Jaliashvili) прв заменик директор, ОДИХР.

Во делот за парламентарните тела кои имаат водечка улога во унапредувањето на еднаквите можности меѓу жените и мажите во и од парламентите, свое обраќање имала и претседателката на Комисијата Жаклина Пешевска, која, како што се наведува, го презентираше начинот на функционирање, меѓусебната соработка, сличностите и разликите помеѓу Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички.

- Комисијата функционира во рамки на формалната законска рамка, додека Клубот на пратенички служи како обединувачка платформа, овозможувајќи им на пратеничките да ги надминат политичките поделби и да соработуваат по прашања од заеднички интерес, особено оние што ги засегаат жените и семејствата. Иако комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички имаат различен карактер сепак споделуваат заедничка натпартиска цел, а тоа е унапредување на еднаквите можности на жените и мажите. Потребата за еднакви можности меѓу жените и мажите не е партиско прашање - тоа ги засега сите граѓани. Без оглед на тоа дали телата за еднакви можности меѓу жените и мажите се формални или неформални, тие се структуирани да поттикнат меѓупартиска соработка, институционално дејствување и политички дијалог. Ефикасноста зависи од довербата, меѓусебното почитување и споделените цели помеѓу членовите, без оглед на нивната политичка припадност, истакнала Пешевска.

Според неа, воспоставувањето на механизми за соработка помеѓу владеачката коалиција и опозицијата помага да се изгради таа доверба и фокусот се задржува на влијанието и ефектите, а не на политиката.

- Како пратеничка, како жена и како активен чинител во демократските процеси, ќе продолжам гласно да се залагам за рамноправноста меѓу жените и мажите во сите институции, вклучително и во највисоките тела на одлучување, потенцирала Пешевска. мд/вг/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан