Петта редовна седница на Советот на Општина Виница
- Советот на Општина Виница денеска ја одржа петтата редовна седница, на која, по усвојувањето на Записникот и Дневниот ред, беа разгледани и усвоени повеќе значајни точки.
Виница, 30 јануари 2026 (МИА) - Советот на Општина Виница денеска ја одржа петтата редовна седница, на која, по усвојувањето на Записникот и Дневниот ред, беа разгледани и усвоени повеќе значајни точки.
Разгледан беше Кварталниот извештај за извршување на Буџетот за 2025 година, според кој приходите се реализирани со 90,75 %, а расходите со 87,5 %.
Со 15 гласа „за“ беше усвоен и извештајот за задолжувањето, при што беше констатирано дека Општина Виница нема нови задолжувања. Во извештајот беше истакнато навременото сервисирање на обврските, при што беше нагласено дека до 10 февруари ќе биде исплатена и последната рата од кредитот од Светска банка.
Советот на Општина Виница на денешната петта редовна седница усвои и повеќе одлуки и извештаи од областа на образованието, културата, здравството, јавните установи и комуналните дејности.
Посебно беше усвоен Годишниот извештај за работата на ТППЕ – Виница, според кој, во 2025 година се реализирани 124 интервенции, што претставува намалување во споредба со претходните години.
На седницата беа разгледани и усвоени повеќе барања за финансиска помош, како и одлуки поврзани со приклучоци на вода и канализација, урбанистички прашања и управување со јавни претпријатија.
Во делот на советнички прашања, беше побарано доставување на финансиски извештај за Новогодишниот фестивал „Виниленд“. ис/
Фото: Општина Виница