• вторник, 17 декември 2024

Петта поетска манифестација „Вино преточено во љубов“ во Крива Паланка

Петта поетска манифестација „Вино преточено во љубов“ во Крива Паланка

Крива Паланка, 14 февруари 2023 (МИА) - Дваесетина учесници, поети и млади литерати читаа македонска и позната светска поезија на вечерашната манифестација посветена на виното и љубовта „Вино преточено во љубов“ во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка.

Настанот се реализира јубилеен, петти пат, посветен е на празникот Св. Трифун, а го реализира литературниот клуб на поети „Калин“ што работи во библиотеката „Кочо Рацин“, во рамки на установата.

- Со младешки призвук и интерпретација на вон временските стихови од големите Конески, Тодоровски, Рацин, од светски познатите Тагоре, Лорка, стихуваа младите вљубеници во литературата и пишаниот збор, основци и средношколци од градот, што нѐ направи особено горди и и донесе прекрасна енергија на манифестацијата. Секако, свои стихови, прочитаа и поискусните членки на клубот, а сето тоа создаде пријатна поетска атмосфера во духот на празникот, преточена во позитивна енергија, така што, настанот го оправда своето постоење и ја збогати културната понуда за граѓаните во овие студени февруарски денови, изјави директорот на НУ Центар за култура Крива Паланка, Дарко Стоилковски.

Тој изрази благодарност до сите ментори на младите што читаа поезија вечерва, наставничките и професорки по македонски јазик и литература во основните училишта „Илинден“ и „Јоаким Крчовски“, и средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка за соработката и посветеност во негувањето на македонскиот јазик и книжевноста.

Во претстојниот период ЛК „Калин“  ќе реализира повеќе активности од годишната програма за библиотечна дејност на Националната установа Центар за култура Крива Паланка, меѓу кои и одбележување на денот на поезијата, 21 март.ид/вј/

Остани поврзан