• понеделник, 23 декември 2024

Петров: Tие што не го прифаќаат Преспанскиот договор ја загрозуваат иднината на земјата

Петров: Tие што не го прифаќаат Преспанскиот договор ја загрозуваат иднината на земјата
Скопје, 21 јануари 2020

Преспанскиот договор е реалност, гаранција за иднината, а тие што не го прифаќаат ја загрозуваат иднината на земјата, нашата иднина, иднината на нашите деца, истакна потпретседателот на СДСМ Коста Петров, на денешното гостување во емисијата „Само вистина“.

 Тој додаде дека Преспанскиот договор е најтешката политичка одлука од осамостојувањето и треба време да се апсорбира, но со него, сега нашата иднина е сигурна, сега работите зависат само од нас, сега е време да се прочисти судството и да се спроведат сите реформи.

 - Преспанскиот договор е храбар чекор, по кој ќе следува тој квантен скок, кон иновативности и нови технологии, бидејќи ние имаме 10 годишна визија за тоа како ќе изгледа земјата и по што ќе биде позната, нагласи Петров.

СДСМ е отворена партија, која својата изборна програма ја гради заедно со граѓаните на трибините, чии идеи и предлози се вклучуваат и имплементираат, рече Петров, додавајќи дека ова е прв пат идеи на граѓаните да се тестираат и да се стават во програмата.

Тој истакна дека сите сакаме работите да се сменат на подобро, но малкумина имаат храброст да се вклучат во политиката, што, според Петров е резултат на 11 годишниот режим во земјата, кога граѓаните ја изгубија довербата во политичарите.

Ако сакаш нешто навистина да се промени, треба да влезеш во системот и лично да придонесеш за позитивни промени, рече Петров, образложувајќи ја својата одлука од позиција на успешен бизнисмен и најпродаван македонски писател да влезе во политиката.

- Претстојните избори се многу важни, бидејќи на нив се избира во каква земја сакаме да живееме. Очекувам по победата на изборите, да продолжиме да ја спроведуваме 10 годишната визија за нашата држава, истакна потпретседателот на СДСМ Коста Петров.

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста _____________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан