• недела, 22 декември 2024

Петровска ја поздрави одлуката на ДКСК, вели нема ништо спорно во набавката на хеликоптерите

Петровска ја поздрави одлуката на ДКСК, вели нема ништо спорно во набавката на хеликоптерите

Скопје, 19 март 2024 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска ја поздравува одлуката на Антикорупциската комисија која отвори предмет за набавката на хеликоптерите, напоменувајќи дека нема ништо спорно во постапката и дека таа е спроведена согласно закон.

Петровска вечерва во гостување на ТВ21 напомена дека Министерството за одбрана и стои на располагање на ДКСК за да ги достави сите документи што ќе и помогнат во дефинирање на вистината.

-Ја поздравувам одлуката на ДКСК која што во рамки на своите надлежности има право и обврска секогаш кога постојат одредени сомнежи во јавноста, во делокруг на својата надлежност да ги расчисти. Од причина што нема ништо спорно во оваа постапка којашто е спроведена согласно закон и законските постапки, јас лично го поздравувам ваквиот чин на ДКСК и стојам на располагање како министерка, но и Министерството за одбрана да ги доставиме сите документи што ќе им помогнат во дефинирање на вистината, рече Петровска.

Потенцираше дека постапката за набавка на хеликоптерите е почната пред неколку години и е согласно Законот за набавки од областа на одбраната и безбедноста, каде што се предвидува инструмент за склучување на договори Влада-со-Влада.

Додаде дека за сите набавки потребно е финансиските средства да бидат планирани, особено имајќи предвид дека во голем дел од набавките што се однесуваат на склучување на договори Влада-со-Влада, станува збор за големи суми на финансиски средства, поради што се склучуваат повеќегодишни набавки, односно се случува договорот, се исплаќаат средствата во неколку години и за одреден временски период опремата треба да пристигне. Како што рече, во 2024 година оваа набавка е предвидена.

Петровска објасни дека компанијата „Леонардо“ е избрана како една од најповолните понуди.

- Кога се разгледуваат понудите, тоа е задача на Интегрираниот проектен тим, тие не ги разгледуваат само перформансите. Перформансите се еден од условите или категориите што тие ги оценуваат. Многу е значајно при купување на вакви работи во одбраната, што ќе биде со одржувањето, што ќе биде со тренингот... Ние сега користиме воздухоплови, хеликоптери од источно производство. Тие во 2032 година мора да бидат отстранети, да престане нивното користање и од таа причина не ги модернизираме сите, туку оперативни се само неколку, рече Петровска.

Таа напомена дека два хеликоптери се испратени во Чешка на ремонт и тие ќе бидат вратени многу скоро, во март или април.

Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска вчера во интервју за МРТВ изјави дека е оформен предмет за набавката на хеликоптерите од компанијата „Леонардо“ и дека по обезбедувањето на фактичката состојба и доказите, ќе донесат соодветна одлука. бт/бак/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан