• сабота, 23 ноември 2024

Перформансот за јакнење на родова еднаквост „Простор за разговор“ презентиран во Куманово

Перформансот за јакнење на родова еднаквост „Простор за разговор“ презентиран  во Куманово

Куманово, 20 мај 2024 (МИА) -  Младите од Куманово денеска преку уметничка форма се едуцираа за родовата еднаквост на настан што се одржа во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Интерарт културниот центар и кумановското Здружение „Мајка“.

Младите од повеќе градови ќе имаат можност да разговараат за родовата еднаквост. Во рамки на турнејата на проектот „Простор за разговор“ беше изведен танцов перформанс и беше прикажан филмот „Простор за разговор“.

Програмската раководителка во ХЕРА Драгана Каровска Чемерска информираше дека почнуваат серија културни настани во шест града од државата.

- Преку настанот зборуваме за темите за родова еднаквост, користејќи нов пристап на уметнички активизам. Уметничкиот израз, видеото, филмот, танцот се користат за да зборуваме гласно за стеротипите кои постојат во општеството, да ги вклучиме младите во дискусиите за да дојдеме до инклузивно општество кое дава поддршка на маргинализираните и сите заеднички да градиме поздрав и хуман свет, рече Каровска Чемерска.

Како што посочи таа, изминатиов период има одреден напредок во развој на легислативата која ги поддржува тековите.

- Бележиме слаба имплементација, слаба реализација и преку овие настани апелираме да се промовира родовата еднаквост да се работи и понатаму, додаде Каровска Чемерска.

Турнејата на проектот се случува во партнерство со локални партнери од шесте градови во Македонија, кои се занимаваат со култура и темата на родово еднаквост и родово базирано насилство.

- Ова е специјален проект и го именувавме „Волумен 2“, бидејќи имавме претходно серија настани. Сега сме насочени кон родовата еднаквост, успеваме да направиме нов осврт кон темата на поинаков начин. Преку импулсивна уметничка провокација, сакаме да ги поттикнеме младите да разговараат на темата за родовата еднаквост. Како уметник, сметам дека е важно да придонесеме во општеството, изјави Рисима Рисимкин.

Танцовиот перформанс и филмот се создадени како сценска рефлексија на истражувањето за односот на општеството кон темата на родова еднаквост, со цел да се сврти вниманието на јавноста кон овој горлив проблем.

- Работилницата ја промовира темата родова еднаквост. Драго ми е што како организација учествуваме во работилницата и на младите им даваме можност да разговараат и да прашаат во однос на родовата еднаквост, изјави Лидија Илиевска, претседателка на здружението „Мајка“.

Како што појаснува Илиевска, родовата еднаквост може да биде причина за дискриминација и ги засега младите.

Проектот „Простор за разговор“ е поддржан од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан. ам/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан