• понеделник, 23 декември 2024

Пентагон се ослободува од одговорноста за криењето на дијагнозата и тајната хоспитализација на министерот Остин

Пентагон се ослободува од одговорноста за криењето на дијагнозата и тајната хоспитализација на министерот Остин

Вашингтон, 27 февруари 2024 (МИА) - Пентагон ги објави резултатите од 30-дневната истрага која ефикасно го ослободува американскиот секретар за одбрана Лојд Остин од одговорноста во врска со тајните хоспитализации во декември и јануари, јавуваат британските медиуми.

Извештајот веројатно нема да го смири политичкиот бес или да ги задуши очекуваните сослушувања на Остин од американските конгресмени, подоцна неделава. Шефот на Пентагон ќе мора да се појави пред Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом на сослушување за ова прашање.

Британските медиуми потсетуваат дека Остин не му кажал на претседателот Џо Бајден за неговата операција на рак на простата во декември и хоспитализацијата во јануари.

Во извештајот, изготвен од претставници на Пентагон, се наведува дека „ништо од истраженото за време на проверката не покажало знаци на лоша намера или обид за прикривање на ситуацијата“. 

Секретарот Остин, исто така, го разгледал извештајот.

На почетокот на овој месец, Остин се извини што не им кажал на претседателот и на високите воени функционери за неговата неодамнешна дијагноза за рак на простата, додавајќи дека стравот за здравјето, што го доживеал, бил вистински удар за него.

Законодавците од двете партии го критикуваа Остин дека не ја пријави неговата дијагноза и хоспитализација што следела. Некои истакнати републиканци, вклучително и поранешниот претседател Доналд Трамп, побараа Остин да биде отстранет од функцијата. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан