• понеделник, 23 декември 2024

Пензионерите кои протестираа за линеарно зголемување на пензиите ќе бараат оставка од актуелната претседателка на Здружението на пензионери

Пензионерите кои протестираа за линеарно зголемување на пензиите ќе бараат оставка од актуелната претседателка на Здружението на пензионери

Штип, 21 август 2024 (МИА) - Пензионерите од Штип, Свети Николе, Кочани кои протестираа и бараа линеарно зголемување на пензиите по 5.000 денари денеска од Штип најавија и повикаа на протест на 3 септември пред канцелариите на Здружението на пензионери во Скопје. Трајче Станојков пензионер од Свети Николе и член на Иницијативниот одбор за линеарно зголемување на пензиите вели протестот е со цел оставка на актуелната претседателка, Станка Трајковска.

-На 3 септември во Скопје сите масовно да излеземе и да и кажеме на госпоѓата Станка Трајковска дека нејзината авантура со Здружението на пензионери е завршена и дека таква жена која не дава поддршка на 200.000 пензионери кои беа за линеарно зголемување не е потребна. Затоа да си поднесе оставка од нејзината функција, заедно со сите тие кои се во раководството, вели Станојков.

Трајче Митев пензионер од Штип вели дека бараат и ревизија на финансиското работење на Здружението на пензионери.

-Дадовме барање до државниот Завод за ревизија, Управа за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи и Финансиска полиција да се открие и да се види дали има малверзации во Здруженијата, вели Митев.

Пензионерите кои протестираа за линеарно зголемување на пензиите бараат измени и нови Закони во делот на зголемувањето на пензиите, но и на постапката на кој се бира претседателот на Здружението на пензионери и колку години да биде неговиот мандат. вдј/сст/

Фото: МИА 

Остани поврзан