• петок, 22 ноември 2024

Пендаровски: Со ниту една одредба од измените на Кривичниот законик нема амнестија

Пендаровски: Со ниту една одредба од измените на Кривичниот законик нема амнестија

Скопје, 8 септември 2023 (МИА) - Со измените на Кривичниот закон нема никаква амнестија. Ниту една одредба не го предвидува тоа. Се скратуваат затворските казни за некој дел, па ако биле десет, сега се пет години или ако биле пет, сега се четири години. Значи, затворот останува. Исто така, се проширува или олеснува процедурата за конфискација на имот. 

Вака утрово претседателот на државата Стево Пендаровски во телевизиско гостување одговори на прашањето во врска со донесувањето на измените на Кривичниот законик кое помина во Собранието по скратена постапка и со европско знаменце.

-Кога потпишувам закон, кажувам зошто го потпишувам, кога не потпишувам исто така имало случаи. Прво, се создаде една заблуда во јавноста дека станува збор за амнестија, па дури и чув изрази кои никогаш не сум ги чул во животот иако сум правник - „некаква скриена амнестија“. Такво нешто не постои. Амнестија е кога јас тебе сосема ќе те ослободам од издржување казна затвор, ниту ќе почнеш да издржуваш, а ако си на издржување – излегуваш. Нема ниедна одредба од овој Закон која тоа го прави. Значи, нема никаква амнестија. Има прво, се скратуваат казните затвор за некој дел, ако биле 10 сега се пет години, ако биле 5 сега се 4 години, значи затворот останува, казната затвор останува и што се случува друго? Се случува проширување или олеснување на процедурата за таа конфискација на имот. И сега тука е главната работа која мене ми даде за повод да го потпишам Законот и да го образложам бидејќи имав на тема и образложение во јавноста, рече Пендаровски за утринската програма на ТВ Сител.  

Досега, додаде, имавме т.н. проширена конфискација на имот.

-За жал, нашите судии тоа многу, многу не го користат. Имаме еден или два јавно познати случаи, зборувам за поголемите случаи каде што е бајаги пара украдена од народот кога се спомнува дека нечиј имот ќе оди на продажба затоа што има таква мерка. Ние генерално, не само судиите, менталитетот наш е дај му 20 години затвор нека скапе, ова другото е запоставено. Европските трендови се обратни. Ќе си лежи затвор ама не 20 години, ќе лежи 2, 3, 4 години за тоа што го направил утврдено со суд ама да ги врати парите до последно зашто мотивот за коруптивно однесување е да ги заработиш парите, па сигурно сте слушнале „па можам да одлежам некоја година, ама ова ќе ми остане“. Ако не ти остане, немаш мотив да го правиш тој криминал. Со Законов се олеснува т.н. проширена конфискација на имот и тоа мислам дека е една битна работа – со тоа што судиите треба да почнат стварно да го применуваат. Значи, и сега го имаме, и уште полесно се олеснува, но дај боже судската пракса да се промени во таа насока. Многу луѓе и обичен народ ќе ти рече „не мора ни да лежи само да врати до последно што ми украл мене, тебе, народот“. Такво нешто досега немаме видено во овие 32 години, истакна Пендаровски.

Спортед шефот на државата, никогаш проблемите што ги имаме, а ги имаме, како што рече, многу, во различни области, не се затоа што законите се лоши.

-Проблемите што ги имаме се од луѓето кои или не ги применуваат законите или селективно ги применуваат или наоѓаат дупки во законите, заклучи Пендаровски. мч/аа/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан