• петок, 22 ноември 2024

Пендаровски на ИФФК „Браќа Манаки“: Уметноста е чин на храброст

Пендаровски на ИФФК „Браќа Манаки“: Уметноста е чин на храброст

Битола, 19 август 2022 (МИА)Филмот е глас на комплексните значења на реалноста бидејќи говори во името и на утопиите и на дистопиите, а уметноста е чин на храброст, затоа што нејзината цел не е да ја репродуцира реалноста, туку да не соочи со неа, истакна вечерва во Битола претседателот Стево Пендаровски, кој како покровител го отвори Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“.

Пред аудиториумот во Битола, Пендаровски го цитираше Брехт според кој уметноста не е огледало во кое се огледува реалноста, туку длето со кое критички се обликува она што не е експлицитно видливо во реалноста и она што често општествените и политичките динамики сакаат да го затскријат.

- Ако основната мисија на филмот е да биде во полемика со светот и неговите аномалии, тогаш фестивалските филмски манифестации треба да бидат јадрата на прогресивноста во естетска и во поширока општествена смисла, а нашиот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ со богата играна и документарна програма и годинава потврдува дека е токму такво јадро во континуитет, нагласи Пендаровски.

На отворањето се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Се радувам, рече Костадиновска Стојчевска, кога уметноста е прва вест, како што тоа е вечерва во чест на балканските браќа на светлината. Овој фестивал е најстар во светот посветен на умешноста и љубовта кон кинематографијата.

Во името на градот домаќин се обрати градоначалникот Тони Коњановски, а публиката во Битола го поздрави доделувањето на почесната Златна „Камера 300“ на долгогодишниот претседател на ИМАГО, Најџел Волтерс, постхумното признание за Горјан Тозија-Медо, наградата Голема Ѕвезда на македонскиот филм и наградата Златна „Камера 300“ за животно дело која му беше доделена на Ентони Дод Ментл, британско-дански кинематографер.

 

На големото платно во Центарот за култура вечерва се емитува францускиот игран филм „Мајка и син“ во кој кинематограферка е Елен Луварт. мт/бак/

 

Остани поврзан