• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Кандидатот за претседател треба да има граѓанска поддршка, партиските договарања не придонесуваат за демократијата

Пендаровски: Кандидатот за претседател треба да има граѓанска поддршка, партиските договарања не придонесуваат за демократијата

Скопје, 1 мај 2024 (МИА) - Кандидатот на СДСМ за претседател на државата Стево Пендаровски во вечерашниот дуел со неговата противкандидатка од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, упати јавен повик до сите граѓани кои ги поддржуваа кандидатите кои испаднаа во првиот круг и до оние кои воопшто не учествуваа во првиот круг, да гласаат за неговиот концепт доколку се препознаат во него.

Тој упати критики до Силјановска Давкова и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека прават задкулсни партиски преговарања околу поддршката за вториот круг за избор на шеф на државата.

Пендаровски посочи дека Мицкоски уште во кампањата кажал дека има договор за коалиција со перспективните коалициски партнери, а по првиот круг рекол дека разговарал со Димитриевски и Таравари за поддршка и за претседателскиот кандидат.

Таквото барање поддршка за претседателски кандидати, според него, значи дека тие не се независни од било кои центри на политичка и финансиска моќ.

Тој се надева дека ќе успее да ги привлече граѓаните со директен повик до нив, а не преку партиски поддршки. Потсети дека трката за нов претседател на државата, обајцата собирале граѓански потписи за да покажат дека имаат сила, граѓанска компонента за претседателската кандидатура.

- Госпоѓата Силјановска ги отфрли тие 20 и нешто илјади потписи колку и да беа и отиде само со потписи на пратениците. Сосема е логично партискиот лидер кој ја предложи за кандидатурата, да договара поддршка со другите партиски лидери за неа во вториот круг. Бидејќи не е граѓански поддржана, туку од партиите, логично е дека партискиот лидер ги прави тие меѓупартиски, меѓулидерски договарања, истакна Пендаровски.

Во вечерашниот телевизиски дуел, тој се осврна на неговиот концепт за напредок на државата, за кој, како што рече е победнички. Притоа нагласи дека се исполнети трите столба од неговата предизборна програма од 2019 година.

- Клучните столбови на мојата програма во 2019 година беа влез во НАТО, отворање на преговори со ЕУ и стабилни меѓуетнички односи - триаголникот на успехот и стабилноста, просперитетот на државата, тоа сум тврдел и ќе тврдам. Ако ова не е остварено кажете ми – членка на НАТО, почнати преговори и меѓуетнички односи кои не се идеални, меѓутоа се далеку од она што беше во времето на режимот, рече Пендаровски.

Посочи дека и програмата за работа во вториот мандат, е заснована на реални основи, а не на фикции.

- Јас не тврдам дека оние кои го потпишале Преспанскиот договор треба да завршат во затвор и дека треба да бидат кривично одговорни. Јас тврдам дека тоа е добар договор кој ги штити македонските национални интереси. Госпоѓата тврди спротивно. Таа денес вели добро е што влеговме во НАТО, имаме гарантор на безбедноста, ама пред три-четири години во интервјуа вели треба кривично да бидат гонети тие луѓе. Јас не велам дека Европската преговарачка рамка е во ред, ама имаме проблем со другите аспекти. Европската преговарачка рамка е договорена од Европа, од 27 држави и ние или ја прифаќаме, или ја одбиваме, додаде Пендаровски.са/хс/

Фото: принтскрин

 

 



 

 

 

 

 

Остани поврзан