Пендаровски додели признанија на шестмина културни уметници и на Албанскиот театар
- Со Орден за заслуги за Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски ги одликуваше Гоце Тодоровски, Коле Ангеловски и Бајруш Мјаку.
Скопје, 26 декември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски вечерва на свечена церемонија во Даут-пашин амам ги додели признанијата Орден за заслуги, Медал за заслуги и Повелба на Република Северна Македонија.
Со Орден за заслуги, претседателот Пендаровски ги одликуваше глумците Гоце Тодоровски, Коле Ангеловски и Бајруш Мјаку.
Гоце Тодоровски е одликуван заради исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност. Тодоровски на средбата со претседателот Пендаровски, што беше прикажана на свеченоста, рече дека орденот за заслуги ќе го носи во срцето.
_PBWaghl06/placeholder.webp?use_watermark=1)
Коле Ангеловски е одликуван за неговата 60-годишна богата уметничка кариера како една од најкомплексните фигури на македонскиот театар и филм. Ангеловски во обраќањето рече дека ова е големо признание за него.
_O6ZjgW6lN/placeholder.webp?use_watermark=1)
Бајруш Мјаку е одликуван за неговата тридецениска кариера како еден од најзначајните актери во современиот македонски театар. Пред присутните тој рече дека кога одлучил да студира глума, верувал дека избрал привилегирана и племенита професија која ќе ми донесе слава, но кога почнал да работи како актер во Албанската драма при Театарот на народности во Скопје, сфатил дека актерството не е професија, туку мисија.
_XsJe3i2cN/placeholder.webp?use_watermark=1)
Медал за заслуги им беше врачен на Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Лупчо Каров.
Каров е одликуван за неговиот авторски придонес и за учеството во хумористичното шоу „К-15“, за сиот ангажман во радиото и телевизијата, за придонесот кон македонската музика, но и за неговиот граѓански активизам и за вклучувањето во зачувувањето на животната средина. Огњановски и Тодоров се одликувани за хумористичното шоу „К-15“, преку коешто пренесуват уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество.
_cnRAGZr1B/placeholder.webp?use_watermark=1)
Признанието Повелба на Република Северна Македонија му беше доделено на Албанскиот театар за седумдецениското постоење низ кое се етаблирал во една од водечките уметнички институции којашто остварува значајна културна, образовна и естетска дејност во македонското општество.
_RWbK0mfPE/placeholder.webp?use_watermark=1)
Пендаровски во своето обраќање истакна дека вреднувањето на она што поединци и институции му го оставаат во наследство на својот народ, особено кои со своето дело го имаат задолжено општеството на кое припаѓаат, е обврска и одговорност на секоја сериозна држава, но и чин кој сигурно не е само од протоколарен карактер.
_BaYI6179w/placeholder.webp?use_watermark=1)
-Ние сме мала земја, но можеме да се пофалиме со исклучителни личности, автори, креативци во многу области на општественото живеење, посебно во културата и уметноста. Во изминатите четири до пет години од мојот мандат имав можност да доделам значаен број на признанија и одликувања на исклучителни поединци и етаблирани институции. За жал, во некои случаи тоа беше постхумно или задоцнето, затоа што и кога постои волја, не можете во само неколку години да го исправите тоа што не било направено со децении, меѓутоа најбитно е тие личности и институции од својата држава да не бидат заборавени, рече претседателот Пендаровски. фф/бак/
Фото: МИА