• вторник, 24 декември 2024

Пелони: Онаму каде што е потребно преземаме мерки

Пелони: Онаму каде што е потребно преземаме мерки
Атина, 19 јули 2021 (МИА) – Пандемијата е динамична и онаму каде што е потребно интервенираме и преземаме мерки, порача портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони на денешниот редовен брифинг со новинарите, како во однос на ситуацијата на Миконос и на островите, така и во однос на влезните точки во земјата. Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали во случај дополнително да се зголеми бројот на нови случаи во Грција, владиниот план вклучува и затворање на границите и ограничувања за одредени земји, Пелони рече дека не сака да одговара на хипотетични прашања и истакна дека постојат мерки за влез во земјата. -Повторно ќе кажам дека пандемијата е динамична ситуација, онаму каде што оценуваме дека треба, преземаме мерки. Мерки има на сите влезни точки во земјата, како и насочени тестирања, но и задолжитени тестирања во конкретни случаи за земји во кои се забележува зголемено присуство на делта мутацијата, рече Пелони. Во однос на хотелите карантин наменети за позитивните туристи, портпаролката на грчката Влада, на прашањето на МИА потврди дека такви хотели има на сите туристички дестинации во земјата и додаде дека онаму каде што се потребни дополнителни, интервенираат надлежните. Говорејќи за ситуацијата на Миконос, каде што од саботата е воведен полициски час и забрана за музика во угостителските објекти, Пелони истакна дека 46 отсто од новите случаи на островот се поврзани со местата за забава и туристичките бизниси. Додаде дека постојат контроли, кои дополнително ќе се интензивираат и од полицијата и од крајбрежната служба и упати апел до сите, да ги почитуваат мерките без разлика дали се вакцинирани или не, бидејќи „мора да бидеме свесни дека сме во услови на пандемија“. За епидемиолошката ситуација во земјата Пелони објасни дека има зголемен број новозаразени во 64 од 74 региони во Грција, просечната возраст на новите случаи и понатаму е 26 години. ср/сд/    

Остани поврзан