• вторник, 24 декември 2024

Пелони: Да се надеваме дека младите ќе покажат иста страст за вакцинацијата како што покажуваат за забавите

Пелони: Да се надеваме дека младите ќе покажат иста страст за вакцинацијата како што покажуваат за забавите
Атина, 7 јуни 2021 (МИА) – Да се надеваме дека младите и за вакцинацијата ќе покажат иста страст и ентузијазам со кои се забавуваат, рече портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони на денешниот редовен брифинг со новинарите коментирајќи ја забавата што во текот на викендот се одржа во Солун, во дворот на Универзитетот „Аристотелис“, јави дописничката на МИА од Атина. Според грчките медиуми, и покрај полицискиот час, за време на викендот илјадници млади се забавувале, ректорот рекол дека полицијата била известена, но не интервенирала, а веројатно ќе реагира и Обвинителството. Пелони коментираше дека Владата го сфаќа заморот на младите, по повеќемесечните рестрикции, но не треба да има опуштање поради добрата епидемиолошка слика во овој момент. Во однос на можните привилегии и олеснувања за вакцинираните, Пелони истакна дека уште е рано оваа дискусија да се спроведе во пракса, со оглед на тоа што процесот на имунизација не е отворен за сите возрасни групи. -Вакцинацијата е единствениот пат кон слобода. Ова треба да им биде јасно на сите, на сите оние кои во овој момент имаат можност да се вакцинираат. Ова го кажувам бидејќи сè уште не се отворени сите старосни групи, но ќе се отворат набргу. Дискусијата што се однесува на поголеми олеснувања и слободи за оние кои се вакцинирани е дискусија што се води заедно со експертите кои ги оценуваат епидемиолошките податоци. Но, не може оваа дискусија да се спроведе во пракса сè додека не му се даде можност на целото полнолетно население да се вакцинира, објасни Пелони. За туризмот, портпаролката на грчката Влада истакна дека целта е „да се обезбеди побезбедно лето за сите, а оваа сезона да биде подобра од ланската“. ср/

Остани поврзан