• понеделник, 23 декември 2024

Пелегрини: Словачка нема да се приклучи на бојкотот на унгарското претседателство

Пелегрини: Словачка нема да се приклучи на бојкотот на унгарското претседателство

Брисел, 19 јули 2024 (МИА) - Словачка нема да ги бојкотира активностите на Унгарија за време на нејзиното претседавање со ЕУ, затоа што не гледа причина за казнување на една членка на ЕУ поради нејзините суверени ставови со кои некој не се согласува, порача словачкиот претседател Петер Пелегрини.

- Мислам дека никој не треба да биде казнет затоа што се обидел да се вклучи во дијалог и Република Словачка нема да го поддржи тоа, изјави Пелегрини по средбата со неговиот унгарски колега Тамаш Суљок во Будимпешта.

Според Пелегрини, врз основа на ваквиот свој став словачката Влада нема да се приклучи на најавениот бојкот и ќе учествува на сите релевантни состаноци организирани од унгарското претседателство. 

Неодамна, Европската Комисија и неколку земји членки, меѓу кои Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Финска и Шведска, најавија дека имаат намера да го бојкотираат унгарското претседателство со ЕУ, како реакција на посетите на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан на Русија и Кина.

Орбан на почетокот на месецов, веднаш по преземањето на претседавањето со ЕУ од страна на Унгарија, го посети Киев, а само неколку дена подоцна замина и во посети на Москва и Пекинг, кои беа најавни како дел од неговата „мировна мисија“ за посредување за ставање крај на војната во Украина.

Ваквите дипломатски иницијативи на Орбан наидоа на осуди од страна на 25 земји членки, а институциите на ЕУ се оградија од посетите нагласувајќи дека тие се организирани без претходни консултации и дека на нив унгарскиот премиер не ја претставувал Унијата и нејзините позиции. Според критичарите на посетите на Орбан, неговите постапки биле некомпатибилни со надлежностите на ротирачкото претседателство со ЕУ.

Словачка беше единствена од членките на ЕУ што не се приклучи на осудите на „мисијата на Орбан“, а словачкиот премиер Роберт Фицо дури најави дека му наложил на Министерството за надворешни работи да се погрижи словачките претставници во телата на ЕУ да не поддржат никакви предлози за казнување на Унгарија поради нејзините „мировни напори“.

Фицо оцени дека идеите за казнување на Унгарија претставуваат „лудост“, нагласувајќи дека е бил подготвен да го придружува Орбан на овие посети, доколку „тоа му го дозволувала неговата здравствена состојба“. 

Словачкиот премиер се здоби со повреди при обидот за атентат врз него во мај во текот на изборната камања за европските избори. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан