• понеделник, 23 декември 2024

Педесет години од формирањето на кошаркарскиот клуб ,,Тиквеш”

Педесет години од формирањето на кошаркарскиот клуб ,,Тиквеш”
Кавадарци, 11 јануари 2020 (МИА) - Педесет години од формирањето на кошаркарскиот клуб „Тиквеш” беа одбележани денеска во Кавадарци. На свечената академија, одржана по тој повод, беше кажано дека во овие 50 години клубот освоил 4 титули, првак кој на два пати го освоил Купот на земјава и еднаш Библ лигата, а на три пати го зазел второто место. Пред присутните спортисти, поранешни и сегашни кошаркари, тренери, спортски работници и почитувачи на кошарката, говореше историчарот Петре Камчевски, кој и самиот своевремено бил дел од  „Тиквеш”, како кошаркар, но и тренер. Тој рече дека станува збор за еден од најуспешните спортски клубови во Кавадарци. Кошаркарите на клубот дале голем прилог во развојот на кошарката во Кавадарци, земјава и пошироко. - Од неговите  редови излегоа репрезентативците Тодор Гечевски, кој има одиграно најголем број натпревари за Македонската кошаркарска репрезентација, репрезентативецот Врбица Стефанов, кој притоа играше и во неколку европски познати клубови. Тие двајцата биле дел од екипата и стручниот штаб, кога во 2011 година во Литванија на Европското првенство во кошарка го постигнаа најголемиот успех на македонската кошаркарска репрезентација и зедоа одличното 4 место, потсети Камчевски. Од редовите на КК Тиквеш произлегле и репрезентативецот Горан Самарџиев, кој во 1997 година беше прогласен за најдобар млад спортист во земјава, а од редовите на КК Тиквеш потекнува и репрезентативецот Ристе Стефанов. Играчите на клубот, по завршување на спортската кариера станале познати политичари, градоначалници, лекари, професори, општествени работници, стопанственици, познати и признати тренери и членови во раководството на македонската кошаркарска федерација. - Со еден збор, клубот стана расадник на успешни луѓе кои оставија белег во нашиот град и пошироко, додаде Камчевски.свд/бт/  

Остани поврзан