• понеделник, 23 декември 2024

Пашинјан: Потребен компромис за решавање на конфликтот во Нагорно Карабах

Пашинјан: Потребен компромис за решавање на конфликтот во Нагорно Карабах

Ереван, 7 октомври 2020 (МИА) - Ерменскиот премиер Никол Пашинјан денеска изјави дека е потребен компромис за решавање на каков било конфликт, вклучително и во Нагорно Карабах.

- Компромис е потребен во секој конфликт, ако навистина сакаме да го решиме тој конфликт. Ерменската страна отсекогаш била подготвена на компромис. Ако Азербејџан е подготвен на компромис, тоа ќе ја промени ситуацијата, рече Пашинјан за руската државна телевизија.

Обновените конфликти меѓу Ерменија и Азербејџан во спорниот регион Нагорно Карабах ескалираа на 27 септември. Ерменија и Азербејџан објавија војна и започнаа општа мобилизација на граѓаните. Двете страни пријавија жртви, вклучително и цивили.

Конфликтот меѓу Баку и Ереван почна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно-Карабах, со мнозинство ерменско население, прогласи отцепување од Азербејџан.

За време на конфликтот во периодот 1992-1994 година, Азербејџан ја изгуби контролата над Нагорно Карабах и седум соседни региони. Преговорите за мирно решение на конфликтот се водат од 1992 година во рамките на Минската група на ОБСЕ, со која претседаваат Русија, САД и Франција. паг/

Остани поврзан