• недела, 22 декември 2024

Пахор: ЕУ е одговорот на сите прашања што го мачат Западен Балкан

Пахор: ЕУ е одговорот на сите прашања што го мачат Западен Балкан
Минхен, 20 февруари 2022 (МИА) - Претседателот на Словенија, Борут Пахор, денеска на панел дебатата за Западен Балкан на Безбедносната конференција во Минхен изјави дека ЕУ е одговорот на сите прашања што го мачат овој регион. Како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, Пахор истакна дека треба да се интензивира процесот на проширување на ЕУ и предупреди на потценување на ситуацијата во регионот. Тој рече дека постојат одредени загрижувачки процеси кои треба брзо да се воочат и да се решат, пренесе агенцијата СТА. Словенечкиот претседател идентификуваше три главни проблематични прашања во моментов - ситуацијата во Босна и Херцеговина, запрениот дијалог Белград-Приштина и блокирањето на преговорите за пристап на Северна Македонија во ЕУ од страна на Бугарија. Пахор го поддржа Отворениот Балкан, иницијатива покрената од Србија, Албанија и Северна Македонија во обид да се воспостави слободен проток на луѓе, капитал и стоки како во Шенген зоната, но рече дека тоа не е и не треба да биде алтернатива на ЕУ. Тој смета дека на иницијативата би можеле да се приклучат и други земји од регионот, оценувајќи го тоа како начин за натамошна соработка во регионот. На дебатата учествуваа и косовската претседателка Вјоса Османи, министерката за надворешни работи на БиХ Бисера Турковиќ, шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина Мирослав Лајчак и високиот претставник за Босна и Херцеговина Кристијан Шмит. гт/

Остани поврзан