• недела, 22 декември 2024

Патријархот Порфириј и архиепископот г.г. Стефан богослужеа литургија во Србија

Патријархот Порфириј и архиепископот г.г. Стефан богослужеа литургија во Србија

Белград, 15 октомври 2024 (МИА) - Српскиот патријарх г. Порфириј, со сослужение на архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан вчера богослужеа на празникот Покров на Пресвета Богородица, со света литургија во чудотворниот манастир посветен на Богородица во Ѓунис кај Крушевац, каде пред две и пол години се водеа разговори и беше постигнат договор за воспоставување канонско и литургиско единство меѓу СПЦ и МПЦ-ОА, јави дописникот на МИА од Белград.

Покрај патријархот на Српската православна црква и архиепископот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, сослужуваа и митрополитите преспанско-пелагонискиот Петар, дебарско-кичевскиот Тимотеј, бачкиот Иринеј и нишкиот Арсениј, како и епископите хераклејскиот Климент и јенополскиот Никон.

Архиепископот Стефан се заблагодари за поканата да учествува во величественото празнување на манастирската слава во Ѓунис и по тој повод на митрополитот Арсениј му подари величествена икона на Пресвета Богородица.

Во знак на молитвеното сеќавање на историската посета на манастирот на Богородица во Ѓунис, митрополитот Арсениј на патријархот Порфириј и архиепископот Стефан им подари икони на Покров на Пресвета Богородица, кои беа специјално насликани за вчерашната свечена пригода, на кои е претставен храмот на манастирот и капелата над чудотворниот извор.

-Токму овде, во ова свето семејство под Покровот на Богородица, пред две и пол години се водеа братски разговори за воспоставување канонско и литургиско единство меѓу СПЦ и Македонската православна црква - Охридска архиепископија. И токму тука, во љубов, во братско разбирање, почит и благодарност, беше постигнат тој долгоочекуван договор кој донесе радост и на српскиот и на братскиот македонски народ и ги исполни нашите срца со радост. Уште тогаш се зборуваше дека овде, во ова свето семејство, треба да служиме една заедничка Литургија во братска љубов и единство, за да му заблагодариме на Бога и на Пресвета Богородица, кои со нејзино застапништво и молитви направија да дојде до тоа долгоочекувано единство, кажа митрополитот Арсениј, се наведува во соопштението на сајтот на СПЦ.

Патријархот српски г. Порфириј се заблагодари на владиката Арсениј, „за љубовта, за гостопримството, за молитвите и за благословот што го имавме пред две и пол години да   овде саборствуваме и да ги завршиме дискусиите и сите заедно да бидеме сведоци и учесници на едно големо чудо - воспоставување на единство меѓу нас“.

-Браќа и сестри, сигурен сум дека како што не ни требаше преведувач во Скопје и во другите места во Македонија кога се обраќавме на полнотата на Црквата, така и овде не ни требаше превод. Ако некој збор не беше јасен, срцето е толку отворено и љубовта Господова и Пресвета Богородица е со нас што се разбираме, дека сме во љубов во однос на Господ и меѓу себе - едно, и тоа е поважно од се, кажа срспкиот патријарх Порфириј. об/хс/

Фото: СПЦ

Остани поврзан