• петок, 22 ноември 2024

Патријархот на СПЦ Порфириј устоличен во Пеќката патријаршија, на литургијата сослужуваше и владиката на МПЦ-ОА Петар

Патријархот на СПЦ Порфириј устоличен во Пеќката патријаршија, на литургијата сослужуваше и владиката на МПЦ-ОА Петар
Белград, 14 октомври 2022 (МИА) - На црковниот празник Покров на Пресвета Богородица, патријархот на СПЦ Порфириј денска беше устоличен на тронот на пеќките архиепископи и српските патријарси во Пеќката патријаршија, древното седиште на поглаварите на Српската православна црква (СПЦ). На светата литургија солужуваа и преставници од другите помесни православни цркви, меѓу кои и од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, јави дописникот на МИА од Белград. Патријархот Порфириј непосредно по изборот, на почетокот на минатата година, беше устоличен во соборната црква во Белград, кога ги доби правата и должностите што му припаѓаат како поглавар на СПЦ. Обичај е тој да биде устоличен и во Пеќката патријаршија, древното седиште на поглаварите на СПЦ, но тоа беше одложено, како што соопштија од СПЦ, поради епидемиолошките мерки на Косово. Денеска, епископот црногорско-приморски Јоаникије му ја предаде на патријархот Порфириј панагијата, а претходно зворничко-тузланскиот епископ Фотије, член на Синодот на СПЦ, ја прочита грамотата за устоличувањето на патријархот Порфириј. Претходно, со патријархот Порфириј литургија служеа повеќе епископи на СПЦ, како и на други православни цркви, по што е објавен свечениот чин на устоличувањето на Порфириј на тронот на архиепископите пеќки и патријарсите срспки. Од МПЦ-ОА на литургијата сослужуваше митрополитот преспанско-пелагониски Петар. Патријархот Порфириј по официјалното устоличување рече дека неговата програма е „мир и само мир, а пред се со првите соседи, мирот како единствена можност за опстанок и на нашите и на нивните деца“. -Ги повикувам сите верници од ова место да се помолат за сите луѓе, за сите браќа и сестри, сите сонародници и оние со кои живееме, а пред се за нашите браќа Албанци, заедно да градиме мир, како што изградија српските и албанските семејства, кои и во добро и лошо ја чуваа Пеќската патријаршија и Високи Дечани, рече патријархот Порфириј. Порфириј е 46-ти српски патријарх, а 57-ми поглавар на Српската црква, бидејќи претходно тие биле архиепископи, почнувајќи од првиот архиепископ Свети Сава.об/

Остани поврзан