• недела, 22 декември 2024

Партијата на Пуџдемон ги повикува приврзаниците на собир за пречек на сепаратистичкиот лидер

Партијата на Пуџдемон ги повикува приврзаниците на собир за пречек на сепаратистичкиот лидер

Барселона, 7 август 2024 (МИА) - Партијата на поранешниот каталонски претседател Карлес Пуџдемон ги покани приврзаниците утре да се соберат пред парламентот во Барселона за да го поддржат сепаратистичкиот лидер кој по седум години се враќа во Шпанија.

„Утре ќе го пречекаме Пуџдемон, кој се враќа од егзил“, објавија од партијата на социјалните мрежи.

Членовите на Јунтс тврдат дека намерата им е да го придружуваат Пуџдемон до вратата на Парламентот, за да може да ги оствари своите политички права говорејќи во Парламентот како лидер на таа партија, пренесува Ефе.

Пуџдемон го најави своето враќање во Шпанија од егзил, и покрај тоа што се соочува со можно апсење во услови на зголемени политички тензии. Тој рече дека присуството на пратениците на пленарната седница треба да биде „неважно“, но дека сепак „се соочува со продолжен прогон затоа што дозволил Каталонците да гласаат на референдум“ за независност на шпанската покраина во 2017 година.

Како што се наведува, и покрај контроверзниот закон за амнестија со кој се опростени илегалните акции на околу 300 каталонски сепаратистички функционери и активисти меѓу 2011 и 2023 година, проневерата извршена од Пуџдемон и членовите на неговата влада во 2017 година не била опфатена со таа амнестија. Затоа во Шпанија има налог за апсење на Пуџдемон, кој е прогонет лидер на десничарската сепаратистичка партија Заедно за Каталонија. Доколку реши да ја премине границата од францускиот регион Валеспир, каде што моментално престојува, можно е да биде уапсен. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан