• понеделник, 23 декември 2024

Папа Франциск: Војната во Украина не е водена само од интересите на Руската империја

Папа Франциск: Војната во Украина не е водена само од интересите на Руската империја

Рим, 10 март 2023 (МИА) - Војната во Украина е водена од интересите на неколку „империи“, не само на Русија, рече папата Франциск во интервју објавено денеска. Франциск рече дека конфликтот бил мотивиран од „империјални интереси, не само на Руската империја“, туку и на империи од другите делови на светот.

Папата даде интервју за италијанската швајцарска телевизија РСИ (RSI) кое треба да се емитува во недела. Извадоци беа објавени денеска од италијанските дневни весници Ла Република, Ла Стампа, Кориере дела Сера (La Repubblica, La Stampa и Corriere della Sera).

Тој изрази подготвеност да разговара со рускиот претседател Владимир Путин со цел да повика на мир.

Франциск, кој има 86 години и ја одбележува 10-годишнината од неговиот избор на 13 март, исто така рече дека ќе поднесе оставка ако премногу се измори и ја изгуби способноста да раководи со Римокатоличката црква. Тој минатиот месец рече дека папските оставки треба да се случат само во исклучителни околности.

Неговиот претходник Бенедикт Шеснаесетти, кој почина на 31 декември минатата година на 95-годишна возраст, стана првиот папа што поднесе оставка по околу 600 години, кога се повлече во 2013 година.

Запрашан што би го навело да ја донесе истата одлука да се откаже, Франциск рече: „Замор што те тера да не ги гледаш јасно работите. Недостиг на јасност, недостиг на знаење како да се проценат ситуациите“. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан