• четврток, 21 ноември 2024

Папата Франциск и главниот имам на Џакарта упатија заеднички повик за мир

Папата Франциск и главниот имам на Џакарта упатија заеднички повик за мир

Џакарта, 5 септември 2024 (МИА) - Папата Франциск и главниот имам на Џакарта, великиот имам Насарудин Умар, денеска потпишаа заеднички документ, повикувајќи на акција против „инструментализацијата на конфликтите од религиозна природа“ и против глобалното затоплување.

Ова се случи на меѓурелигиска средба пред џамијата „Истиклал“ во индонезиската престолнина.

Во „Декларацијата од Истиклал“, двајцата верски лидери изразија загриженост поради „дехуманизацијата“, поврзана со „ширењето на конфликтите и насилството“, и повикаа на „решителни активности за зачувување на животната средина и нејзините ресурси“.

„Ако погледнеме подлабоко, ако разбереме што тече низ нашите животи (...), ќе откриеме дека сите сме браќа, сите сме верници, сите сме на пат кон Бог, над она што нè разликува“, изјави 87-годишниот папа.

Меѓурелигиската средба беше организирана со учество на претставници на шесте официјално признати религии во Индонезија: ислам, будизам, конфучијанство, хиндуизам, католицизам и протестантизам.

Папата Франциск и великиот имам Насарудин Умар застанаа пред влезот на „Тунелот на пријателството“ – подземен премин кој го поврзува комплексот на џамијата со соседната католичка катедрала „Успение на Богородица“.

Приближувајќи се кон лифтот што води кон тунелот, папата Франциск рече дека ова е силен знак дека различните религиски традиции „имаат улога да помогнат на сите да поминат низ тунелите на животот со поглед насочен кон светлината“.

Индонезија е земја со најголемо муслиманско население во светот – 242 милиони.ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан