• петок, 22 ноември 2024

Папата Франциск во Лисабон повика да се слуша „болниот плач на жртвите“ од педофилија во црквата

Папата Франциск во Лисабон повика да се слуша „болниот плач на жртвите“ од педофилија во црквата

Лисабон, 3 август 2023 (МИА) - Папата Франциск го повика португалското свештенство да го „прифатат и слушнат болниот крик на жртвите“ на сексуалното злоставување во црквата, на првиот ден од неговата посета на Лисабон и шест месеци по објавувањето на извештајот што ја згрози земјата. 

„Разочарувањето и гневот што некои го чувствуваат кон Црквата понекогаш е поради нашето лошо сведочење и скандалите што го оцрнија нејзиното лице“, рече папата Франциск, обраќајќи се пред свештениците, ѓаконите и епископите собрани во манастирот Јеронимит.

Според него, овие скандали „повикуваат на понизно и непрекинато чистење, поаѓајќи од болниот крик на жртвите кои секогаш треба да бидат прифатени и слушнати“.

Извештајот нарачан од Португалската бискупска конференција и изготвен од комисија од независни експерти во февруари покажа дека најмалку 4.815 малолетници биле жртви на сексуална злоупотреба во црковните средини од 1950 година.

Црковното раководство „систематски“ го прикрило злоставувањето, заклучиле откако собрале повеќе од 500 изјави на сведоци во земја каде што 80 отсто од 10-те милиони жители се сметаат за католици.

Црковната хиерархија побара прошка од жртвите и призна дека е неопходно да се „промени црковната култура“, а во едно истражување 68 отсто од испитаниците изјавиле дека е нарушен угледот на Црквата.

Во пресрет на пристигнувањето на папата во Лисабон, група за помош на жртвите постави три големи билборди во градот со порака дека „Католичката црква во Португалија злоставувала повеќе од 4.800 деца“.

Според португалската бискупска конференција, папата Франциск треба приватно да се сретне со жртвите на злоупотреба на свештениците, но овие состаноци не се дел од официјалната програма.

Залагајќи се за „нулта толеранција“ кон сексуалното злоставување, Папата неколку пати се сретна со жртвите и формираше советодавна Комисија за заштита на малолетниците. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан