• недела, 22 декември 2024

Папата Франциск во еднодневна посета на Корзика

Папата Франциск во еднодневна посета на Корзика

Ајачо, 15 декември 2024 (МИА) – Папата Франциск пристигна во еднодневна посета на Корзика за време на која ќе се фокусира на Медитеранот, локалните верски традиции и заканите за мигрантите и војните.

Посетата на корзиканскиот главен град Ајачо ќе биде една од најкратките на папата надвор од Италија, која ќе трае само околу девет часа, вклучувајќи ја и 40-минутната средба со францускиот претседател Емануел Макрон.

Ова е прва посета на еден папа на островот, кој Џенова и го отстапи на Франција во 1786 година, а се наоѓа поблиску до италијанското копно отколку до Франција.

Корзика се издвојува од остатокот на секуларизирана Франција како посебно побожна област.

Папата Франциск ќе зборува пред повеќе од 400 учесници на Конференцијата за народната вера во Медитеранот, организирана од бискупот од Ајачо, кардиналот Франсоа-Ксавиер Бистиљо.

Папата ќе зборува за локалните религиозни традиции, кои се особено силни на Корзика, вклучувајќи го и култот на Богородица, која го заштитила островот од чума во 1656 година, кога сè уште бил под Џенова.

- Медитеранот е позадината на ова патување, опкружено со ситуации на криза и конфликти, кои ќе бидат споменати во обраќањето на папата, изјави портпаролот на Ватикан, Матео Бруни.

По обраќањето на конференцијата, папата ќе оди во катедралата „Успение на Света Богородица“ од 17 век за да се сретне со свештенството. Ќе одржи миса во паркот Остерлиц, за кој се вели дека Наполеон, кој е роден на Корзика, играл како дете. Се очекува да присуствуваат околу 7.000 верници.

Тој приватно ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон на аеродромот пред да се врати во Рим. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан