Папата ги засили критиките кон Израел, нарекувајќи ја ситуацијата во Газа „срамна“
- „Не можеме на кој било начин да прифатиме бомбардирање на цивили“, се наведува во текстот на папиниот говор. „Не можеме ни да прифатиме дека децата се смрзнуваат до смрт затоа што болниците се уништени или енергетската мрежа на земјата е оштетена“.
Рим, 9 јануари 2025 (МИА) - Папата Франциск денеска ги засили своите неодамнешни критики за воената кампања на Израел во Газа, нарекувајќи ја хуманитарната ситуација во палестинската енклава „многу сериозна и срамна“.
Во годишното обраќање до дипломатите кое во негово име го одржа неговиот помошник, папата Франциск ги спомна смртните случаи како последица на студот среде зима во Газа, каде речиси и да нема струја.
„Не можеме на кој било начин да прифатиме бомбардирање на цивили“, се наведува во текстот на папиниот говор. „Не можеме ни да прифатиме дека децата се смрзнуваат до смрт затоа што болниците се уништени или енергетската мрежа на земјата е оштетена“.
Папата (88), кој беше присутен на обраќањето до дипломатите, но побара од помошникот да го прочита неговиот текст бидејќи се опоравува од настинка, го осуди и антисемитизмот.
Тој исто така повика на крај на војната во Украина, како и крај на сите други ширум светот и изрази загриженост за климатските промени.
Пораките се дел од обраќањето до пратениците од 184 земји во светот, акредитирани во Ватикан, што понекогаш се нарекува и говор на папата за „состојбата во светот“.
Меѓу присутните беше и израелскиот амбасадор во Светата столица.сд/
фото: МИА архива