Панел дискусија: Економското јакнење на жените е клучно за развојот на државата, вработени се 38 проценти од жените, а 27 отсто се сопственици на имот
- Неучеството на жените во економијата и на пазарот на трудот не е само прашање на социјална правда, туку и сериозен економски проблем кој генерира огромни загуби за државата и општеството, беше истакнато на денешната панел-дискусија во Јуроп хаус во Скопје, посветена на женското економско јакнење, со која се означи почетокот на серијата дебати за правата на жените, кои ќе се одржуваат во текот на целата година - почнувајќи со Меѓународниот ден на жената и завршувајќи со Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.
Скопје, 9 март 2026 (МИА) - Неучеството на жените во економијата и на пазарот на трудот не е само прашање на социјална правда, туку и сериозен економски проблем кој генерира огромни загуби за државата и општеството, беше истакнато на денешната панел-дискусија во Европската куќа во Скопје, посветена на женското економско јакнење. Со денешниот настан се означи почетокот на серијата дебати за правата на жените што ќе се одржуваат во текот на целата година - почнувајќи со Меѓународниот ден на жената и завршувајќи со Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.
Вршителот на должноста амбасадор на ЕУ, Бен Нупнау, во своето воведно обраќање нагласи дека еднаквоста меѓу мажите и жените е темелна вредност на Европската Унија, којашто е дел од сите повелби и договори, како и во повелбата за основните, односно темелните права и се промовира со децении во политиките и активностите.
-Трагичниот настан минатата недела повторно ни покажа дека безбедноста и достоинството не се загарантирани за голем број жени и девојчиња. И дека институциите, а и општеството во целина, мора да обезбедат превенција, заштита и поддршка, рака под рака со одговорност. Не може да има еднаквост пред сè, без ослободеност од насилство и без да се третираат предрасудите, како и без да се отстранат системските нееднаквости коишто влијаат врз образованието на жените, нивниот пристап до работни места, напредокот во кариерата, финансиската безбедност и балансот помеѓу работниот и приватниот живот - нагласи амбасадорот, додавајќи дека унапредувањето на еднаквоста помеѓу мажите и жените е суштинско за градење поправедно и попросперитетно општество.

Според презентираните статистички податоци на ниво на ЕУ, родовиот јаз во вработувањето генерира загуби од 2,5 проценти од бруто-домашниот производ. Во државава, иако 60 отсто од сите што завршуваат високо образование се жени тие се отсутни од раководните позиции и во просек се десет години помалку вклучени на пазарот на трудот поради семејни обврски. Цената за тоа ја плаќаат сите - жените, компаниите, работодавачите, државата, општеството што се смета за огромна загуба на ниво на општество. Од жените во земјава вработени се 38 проценти, а во текот на својот работен век тие заработуваат помалку, што резултира и со помали пензии и поголем ризик од сиромаштија. Беше изнесена и проценката дека проактивните мерки на работодавачите, како овозможувањето работа на далечина, можат да го зголемат вклучувањето на жените на пазарот на трудот за дури 167 отсто.
Според дел од организаторите, неопходно е ова прашање за еднаквоста меѓу мажите и жените да се третира од аспект на економијата, а не само како прашање на социјална правда.
Проферорката од Универзитетот Американ колеџ, Македонка Димитрова, ја истакна важноста од институционалната поддршка за жените претприемачи. Според неа, охрабрувањето мора да започне од рана возраст во образовниот систем, а неодминлив сегмент во доближувањето на можностите се и граѓанските организации.

-Жените се исто храбри колку и мажите, можеби и похрабри, меѓутоа институционално се помалку поддржани. Во Македонија веќе има иницијативи, на пример Европската банка за обнова и развој или локалните комерцијални банки им даваат предност на женските бизниси и во фаза на формирање и во фаза на раст. Значи тоа е една можност економски да се зајакнеме, меѓутоа тоа се случува некаде кога ќе дојдеме на пазарот на трудот, а треба уште во самите училишта, дали е тоа основно, средно, на факултет...Значи охрабрувањето почнува од мали нозе, дека умееме, дека можеме, но исто така каде да ги најдеме овие можности. Треба да дејствуваме сите заедно, не само Владата која креира политика или ресорното министерството, кое треба да ги спроведе, тука неодминлив сегмент се здруженијата на граѓани. Тие се тие кои ги доближуваат политиките до младите, до младите жени во овој случај - нагласи таа.
На тешката положба на жените во руралните средини се осврна Билјана Петровска Митревска од Националната федерација на фармери. Таа истакна дека традиционалните норми сè уште се најголема бариера при наследувањето. Само 27 проценти од жените на ниво на целата држава се сопственици на имот, а десет проценти од нив се сопственици на земјоделско земјиште или на имот во руралните средини, но додава дека во реалноста само пет проценти од жените кои живеат во рурални средини се сопственички на имот или на земјоделско земјиште.

-Најголем проблем кога зборуваме за земјоделците и за земјоделките, е што имаме најголем процент на неактивно население во руралните средини, 65 проценти од жените се неплатени работници во руралните средини. Значи не зборуваме само за земјоделство, зборуваме и за други бизниси, коишто постојат во земјоделството и коишто ги одржуваат руралните средини. Значи таа неплатена економија всушност е неформалната економија. Тие се грижат, имаат обврски во своите семејства, но за тоа не добиваат никаков паричен надоместок што е еден голем проблем којшто ги турка во сиромаштија кон нејакнење и неслушање на нивниот глас - нагласи таа. ац/вг/
Фото: МИА