• недела, 22 декември 2024

Пандов: Прекин ќе му биде издаден на секој затвореник кој ќе достави медицинска документација потпишана од специјалист

Пандов: Прекин ќе му биде издаден на секој затвореник кој ќе достави медицинска документација потпишана од специјалист

Скопје, 23 јули 2024 (МИА) – Секој затвореник којшто ќе достави медицинска документација до Управата за извршување на санкции, потпишана од лекар специјалист дека во итен период треба да се лекува, ќе му биде издаден прекин, изјави вечерва директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов.

Во Тема на денот на телевизија Сител, Пандов ја потврди информацијата дека Управата ќе издаде прекин за уште тројца осуденици за настаните од 27-ми април кои побарале привремен отпуст од затвор, покрај петмината на кои веќе им е издаден прекин со времетраење од 30 дена.

– Секој еден што ќе дојде со медицинска документација дека има акутно заболување, кое што е потпишано од лекар специјалист дека во итен период треба да се лекува таа болест, ќе му издадам прекин. Да потсетам дека по шест и пол години тие луѓе скапуваат по затвориве низ Македонија. Јас не можам како човек да не дадам таков отпуст на тие луѓе, рече Пандов.

Во врска со ослободувањето на поранешниот министер за внатрешни Митко Чавков, директорот на Управата вели дека имал тешка повреда на коленото за која било потребно физикална терапија. 

– Има тешка повреда на коленото, притоа што му прават на човекот, му даваат да оди на физикална терапија во „Цар Самоил“, но не го отпуштаат, туку секој ден со повреда од Затвор Штип го носат до „Цар Самоил“ и го враќаат. Специјалист пишал дека тоа треба да се направи, притоа дека два пати во годината треба да има таков третман, вели Пандов.

Истакна дека Управата за извршување на санкции плаќа судски и адвокатски трошоци, откако обвинетиот за настаните од 27-ми април Ацо Тошта добил на суд, поради, како што рече, неговиот кардиолошки проблем за кој морал да оди во болница и „тортурата која му ја правеле претходно“. 

– Пазете што му имаат правено на Тошта, човекот имал кардиолошки проблем и оди во болница. Изгубивме на суд и ние како Управа за извршување на санкции плаќаме судски и адвокатски трошоци, затоа што претходно тоа што го правеле е тортура, рече Пандов.

Не само на осудените за 27 април, додаде Пандов, туку секој кој што ќе достави таква документација до Управата ќе му биде издаден прекин. Нагласи дека истите имале барано претходно да им биде издаден прекин, но биле одбивани.

Во разговор со премиерот Мицкоски, Пандов побарал смена на директорите на затворите во земјава, и очекува на утрешната седница на Влада тоа да биде донесено. 

– По разговор со Мицкоски, на утрешната седница на Влада очекувам смена на директорите во најголем дел, почнувајќи од Филип Андонов, па до останатите директори. Утре планирам да одам во затворот Идризово. Во идно време очекувам помош од самите нови директори, не можам да говорам за затворот во Штип, како и за Струга. Не велам во сите, но во најголем дел е катастрофална. Ви ветувам дека состојбата ќе биде драматично сменета, имам поддршка од министерот за правда, од министерот за внатрешни работи и премиерот, рече Пандов. ра/ев/

Фото: Принтскрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан