• сабота, 16 ноември 2024

Пандов за МИА: Состојбата во затворите е загрижувачка, недостигаат над 300 луѓе во целиот затворски систем

Пандов за МИА: Состојбата во затворите е загрижувачка, недостигаат над 300 луѓе во целиот затворски систем

Скопје, 7 септември 2024 (МИА) – Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов ја оценува состојбата во затворите низ државата како загрижувачка. Во интервју на МИА, тој открива дека недостигаат околу 300 до 400 луѓе во целиот затворски систем. Се надева на одобрување на нови вработувања и најавува повеќе реформи, како инфраструктурни, така и системски. Најавува подобрување на можностите за пробација и на образованието во казнено-поправниот систем.

- Кога го говорам ова, тоа значи дека пред сѐ и над сѐ затворски полицајци, меѓутоа и луѓе во ресоцијализација, во финансии, во човечки ресурси, во правниот дел во управите што се на затворите. Се надевам дека тие вработувања ќе бидат одобрени во наредната 2025 година, вели Пандов.

Една од причините за дефицитот на затворската полиција, според Пандов, е тоа што полицајците ги напуштале своите работни места од безбедносни причини, нешто, кое што, вели, дека нема да биде случај во иднина.

- Тие луѓе чувствувале дека одредени затворени лица имаат таква поткрепа од дел од директорите или надвор од некои одредени моќни политичари, што никој ништо не им може што и да направат внатре и како и да се однесуваат кон затворските полицајци.Тоа е веќе заборавена приказна и затвореници кои така се однесуваат ќе бидат најстрого санкционирани во рамки на позитивните закони што ги имаме, а ги имаме доволно за да може да се справиме сега со нив, посочува Пандов.

Кон крајот на месецов очекува да профункционира и интервентната единица во затворите. 

Состојбата во македонските затвори Пандов ја подели на два дела - инфраструктурна, односно како изгледаат затворите и второ - какви се условите, односно како се работело во нив. Како затвори со добра инфраструктура ги издвојува кумановскиот затвор, Воспитно-поправниот дом – Тетово и отвореното и затвореното одделение во Идризово за кои потенцира дека се изградени во времето на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Има затвори, вели Пандов, во кои е неопходна инфракстурктурна инвестиција.

- За жал, има одреден број на затвори во кои инфраструктурно мора да се инвестира и тоа сигурно дека ќе биде направено во идно време. Инфраструктурно кога говорам, исто така е голем проблем што за жал во „Идризово“ е завршена само првата фаза од неговата изградба. Уште од 2010 година, Република Македонија добива заем од Банката за развој при Советот на Европа за изградба на супер нов затвор во Идризово и завршена е само првата фаза. Во минатите седум години не е направено ништо, а притоа, кога би била завршена и втората фаза би било направено супер ново и современо затворено одделение. Она што за мене е многу важно е притворското одделение. Би имало и нова кујна, нова амбуланта за затворениците, кога би се направило тоа, вели Пандов.

Појаснува дека дел од позајмените пари се потрошени за отвореното и полуотвореното одделение, а остатокот се под мораториум затоа што, како што информира, при контролите на Комитетот за превенција од тортура имало големи забелешки за македонските затвори.

- Од Комитетот треба да дојдат од 7 до 10 октомври во Македонија, ќе имаме состанок, меѓутоа ќе имаат состанок и со министерот за правда Игор Филков и со премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски. Јас и повиканите ќе направиме сѐ да ги увериме дека правиме и ќе правиме сѐ за подобрување на забелешките што ги имаме од нив за да можеме да започнеме. Се надевам дека в година ќе започнеме, ќе го распишеме тендерот и ќе ја почнеме втората фаза, дополнува Пандов.

Како главни цели ги издвојува изградбата на втората фаза и пуштањето во употреба на судницата во затворот „Идризово“.

Она што го загрижува, како што вели, е начинот како биле чувани затворените лица. Според првичните информации, осудените лица во одредени затвори излегувале и влегувале кога сакале. 

- Не велам дека во сите затвори тоа се случувало, но имаме докази и веќе е информирано и Министерството за внатрешни работи и Обвинителството дека одредени раководители, односно директори на затвори, буквално се однесувале во стилот на Луј 16 - „државата, тоа сум јас“, вели Пандов.

Информира дека наследената состојба на затвореници евидентирани во бегство е околу 200, додека, во однос на прашањето дали постои гаранција дека ќе се вратат затворениците на кои тој им одобри прекин на издржување на казната, меѓу кои има и осуденици од „27 април“, вели дека нема гаранција исто како и за затворениците кои ги пуштаат на викенд.

- На најголем дел од нив веќе им се завршени прекините и се вратени во затворите. Не мал дел од нив, во меѓувреме имаат побарано од судовите да им се издадат подолги прекини. Како најзвучно име за кое имаше прекин е поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков.  Во меѓувреме, колку што сум информиран од затворот, господинот Чавков, има добиено тримесечен прекин кој му завршува во ноември. Не мал дел од другите лица осудени за 27 април имаат добиено од судовите повторно прекини, некој на месец, некој на два. Гаранција не постои, како за секој кој со закон ќе биде пратен на 30-45 или 60 дена, кога ќе го пуштиме на викенд, ако не е вратен, тоа значи дека е во бегство, ние веднаш го информираме Министерството за внатрешни работи и тој осуденик се води како во бегство, појаснува Пандов.

Проблемот со пренатрупаноста во затворите, според Пандов, може во голема мера да се реши со Законот за пробација.

- Има два начини да се реши тоа. Едниот е побавен, меѓутоа во голема мера ќе ги реши работите. Тоа е она што го говорев - сите да засукаме ракави и час поскоро да почне со изградба втората фаза на затворот „Идризово“, затоа што над илјада легла ќе се добијат со завршување на втората фаза. Меѓутоа, има уште една работа што би сакал да ја потенцирам, а тоа е Законот за пробација со кој осудениците имаат право на условен отпуст, посочува Пандов.

Информира дека покрај 11-те пробациски канцеларии во државава, се очекува да се отворат уште три. 

- Тие функционираат веќе четири-пет години. Меѓутоа, она што паѓа во очи е дека од 650 луѓе кои се со условен отпуст, 450 луѓе се во Скопје. Скопје е најголем град, има најголем број на осудени лица кои се од Скопје, меѓутоа не е така соодносот. Останатите 200 се од останатите општини во Македонија. Имаме намера, мислам дека веќе и месецов се закажани некои состаноци со одредени судии, а подоцна и цел судски систем да ги поттикнеме, да ги охрабриме да ги употребуваат овие мерки, вели Пандов.

Една од темите што МИА подолго време ја следи е образованието во Воспитно поправниот дом–Тетово, кое што го нема веќе три години. Токму за ова разговаравме и со директорот Пандов кој потврди дека децата во ВПД-Тетово не седнаа во училишните клупи и вети дека ќе разговара со министерката за образование Весна Јаневска за решавање на проблемот. 

- Да не се оправдувам, меѓутоа тоа ми е мене наследена ситуација. Ќе направам сѐ за тоа да се смени. Она што бев информиран е дека тој процес е започнат, меѓутоа, сега повторно е застанат. Јас ќе направам обид со новата министерка за образование да им овозможиме на децата во Волковија и каде било во сите казнено поправни установи да имаат образование, истакнува Пандов.

Во врска со проблемот со просториите за девојчињата упатени во воспитно-поправен дом, за кој последната најава беше дека ВПД-Тетово ќе биде адаптиран за таму да можат да се сместуваат штитенички, Пандов вели дека адаптацијата не е започната.

- Најбрзо решение е една од трите згради во Волковија да биде преправена и да се огради од останатите две згради каде што се сместени машки деца. Тоа ќе биде направено во наредниот период, а ќе размислиме дали е тоа трајно решение, можеби и не е, не тврдам дека е, меѓутоа, тоа е единствениот начин како тоа да се реши. Адаптацијата сѐ уште не е започната, а доколку во меѓувреме некое девојче биде упатено во ВПД ќе го размислиме кога ќе дојде до тоа, нагласува Пандов.

Според директорот на Управата за извршување на санкции, работното ангажирање е најдобриот начин за ресоцијализација на затворениците. Вели дека ќе се обиде законски да интервенира во делот на работно ангажирање на затворениците со цел тоа да се користи почесто. 

- Имам забелешки на последниот закон, направен сега во април. Планирам во наредниот период да побарам измени на одредени точки, или вметнување на нови. Забелешка е тоа што кај нас, доколку говориме дека имаме 2 400 затвореници, мислам дека околу 100 се само работно ангажирани. Моите насоки кон директорите на затворите се да се обидат да постигнат договори со градоначалниците, со други фирми, што поголем број на затвореници да бидат работно ангажирани, вели Пандов.

Информира дека само во мал број на затворите има фарми каде одреден број на затвореници се ангажирани, а најголем дел од земјиштата стојат неискористени.

Важно е, вели Пандов, затворениците да се оспособат за време на издржувањето на казната со цел да можат да се адаптираат откако ќе излезат од затвор. 

- Не гледам зошто не ги научиме на некои занаети за кога ќе излезат да бидат оспособени да преживеат. Таков ни е системот што човек кога ќе излезе од затвор, едноставно не сме го осудиле, меѓутоа, не сме го оспособиле да може да функционира надвор од заворот и тоа е веројатно главната причина зошто не мал дел од нив повторно се враќаат во затворите, вели Пандов.

Ангела Рајчевска

Фото: Дарко Попов

Видео: Аслан Вишко и Владимир Рабасовиќ

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан