Истражување: Пандемијата ја зголеми стапката на депресија кај младите
- Француската Агенција за јавно здравје вчера ги објави резултатите од последните редовни обемни истражувања за психичкото здравје спроведени во 2021, една година по најакутната фаза на глобалната пандемија.
Париз, 15 февруари 2023 (МИА) - Ново истражување за психичкото здравје во Франција открива огромно зголемување на бројот млади луѓе кои пројавиле депресија, а најверојатната причина е Ковид-19 и ограничувањата воведени против ширењето на коронавирусот.
Француската Агенција за јавно здравје вчера ги објави резултатите од последните редовни обемни истражувања за психичкото здравје спроведени во 2021, една година по најакутната фаза на глобалната пандемија. Тие говорат дека 20,8 отсто од лицата на 18 - 24 години рекле дека доживеале епизода од депресија изминативе 12 месеци, во споредба со 11,7 отсто од претходното истражување спроведено 2017 година.
Стапката кај младите е речиси двојно поголема од онаа на целата возрасна популација од 18 до 85 години.
„Стресот предизвикан од Ковид-19 и ограничувањата наметнати за негова контрола се, се чини, една од главните хипотези коишто го објаснуваат овој пораст“, објави Агенцијата.
Влијанието на карантинот, социјалната оддалеченост и другите ограничувања е посилно почувствувано кај студентите и помладите луѓе, бидејќи се смета дека „тие ограничувања го уништиле периодот што се случува еднаш во животот“, кој не може да се повтори. Несигурноста дополнително ја зголемува вообичаената анксиозност поврзана со растењето и развојот на личноста.
- Неизвесноста за иднината одигра голема улога, што има многу важно влијание на таа возраст, вели Енжеран ду Роскоа, еден од авторите на француското истражување и стручњак за ментално здравје.
И други испитувања во светот дадоа слични резултати. Имено, скоро 57 отсто од американските тинејџерки се чувствувале постојано тажно или безнадежно во 2021 година, двојно повеќе од момчињата, се вели во извештај на американските здравствени власти. Ова е пораст од речиси 60 отсто од 2011 година и највисоко ниво забележано изминатово десетлетие. си/ми/