Панајотопулос и Акар: Каналите на комуникација меѓу Грција и Турција да останат отворени
- Важноста да се задржат отворени канали на комуникација и средби меѓу двете страни, меѓу другото, биле истакнати на средбата на министрите за одбрана на Грција и Турција, Никос Панајотопулос и
Атина, 14 октомври 2022 (МИА) – Важно е каналите на комуникација да останат отворени и да има средби меѓу двете страни, меѓу другото, потенцирале министрите за одбрана на Грција и Турција, Никос Панајотопулос и Хулуши Акар на средбата што ја реализирале на маргините на самитот на НАТО во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за одбрана на Грција кусо соопштија дека на средбата била потенцирана и „потребата од создавање клима на стабилност во регионот, врз основа на меѓународното право и правилата на добрососедство“.
Владини извори за грчката новинска агенција АНА-МПА коментирале дека средбата на двајцата министри што траела 40 минути, поминала во позитивна клима, Панајотпулос објаснил дека не може да има деескалација на тензијата меѓу двете земји сè додека турската страна продолжува со агресивна реторика и закани кои одат до оспорување на грчкиот суверенитет.
Исто така, се договориле да се задржи отворен каналот на комуникација меѓу двете страни.
Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на вчерашниот редовен брифинг, одговарајќи на новинарско прашање за евентуална средба на министрите за одбрана на Грција и Турција на маргините на самитот на НАТО, рече дека „секоја средба, секој чекор кон дијалог е чекор кон деескалација на тензијата и практичен доказ дека соседите го сфаќаат ќор-сокакот на провокативната тактика и провокативна стратегија што ја следат подолго време“. ср/
Фото: Министерство за одбрана на Грција