Палестинците ги отфрлија условите на Израел за спас на Палестинската управа
- Палестинскиот премиер Мухамед Стајех најави дека правно-дипломатските напори против Израел ќе продолжат на меѓународната сцена и го отфрли барањето палестинските власти да престане да дава финансиска помош за семејствата на Палестинците убиени или приведени поради нападите врз Израелците.
Ерусалим, 10 јули 2023 (МИА) - Палестинската управа денеска ги отфрли условите на Израел за помош во спречувањето на нејзиниот колапс.
Палестинскиот премиер Мухамед Стајех најави дека правно-дипломатските напори против Израел ќе продолжат на меѓународната сцена и го отфрли барањето Палестинската управа да престане да дава финансиска помош за семејствата на Палестинците убиени или приведени поради нападите врз Израелците.
Израелскиот кабинет, задолжен за безбедност, вчера одлучи дека Израел треба да преземе чекори за да го спречи колапсот на Управата и да побара прекин на активностите против еврејската држава на меѓународната сцена, на повиците за насилство во медиумите и образованите институции и дивоградбите во областа на Западниот Брег кој е под целосна израелска контрола.
На денешната седница на палестинската Влада во Рамала, Стајех рече дека Владата на Израел донела одлуки во врска со Палестинската управа под изговор дека сака да им понуди гест на добра волја на Палестинците, пренесоа израелските медиуми.
-Во име на палестинската Влада, велиме дека она што се бара од Израел е да ја запре агресијата врз нашиот народ, убиствата, (проширувањето на еврејските) населби и пиратеријата на нашите пари, рече Стајех.
Палестинскиот премиер и другите официјални лица ја осудија политиката на Израел за конфискација на средствата што Израел ги собира во даноци и давачки во име на Палестинците како чин на „пиратерија“ и „кражба“. мс/
фото: МИА архива