Пакомак советува како до правилно одложување на отпадот во зима
- Најлонските ќеси и најлонската амбалажа можат да предизвикаат штета на повеќе од еден начин. Покрај тоа што не се еколошки, овие ќеси се многу деликатни поради материјалот од кој се направени
Скопје, 28 јануари 2022 (МИА) - Одложувањето на отпад од пластика, хартија и најлонски кеси станува многу потешко во зима, кога овие материјали можат да замрзнат, да се залепат за некоја површина и да се уништат пред да стигнат да бидат рециклирани. Но, доколку успеете добро да се организирате, одложувањето на отпадот нема да ви претставува никаков проблем, велат од „Пакомак“
Оттаму споделуваат неколку совети за правилно одложување на отпадот во зима, кога за време на пост празничниот период генерираме 30 проценти повеќе отпад од обично, што значи дека се зголемува и количината на амбалажниот отпад кој завршува во корпите и контејнерите.
Од „Пакомак“ апелираат да бидеме внимателни со ќесите и пластиката.
- Најлонските ќеси и најлонската амбалажа можат да предизвикаат штета на повеќе од еден начин. Покрај тоа што не се еколошки, овие ќеси се многу деликатни поради материјалот од кој се направени, бидејќи можат да се залепат за ладна површина, лесно да се скинат и да направат ѓубре од отпадот. И додека најлонските ќеси лесно може да ги исфрлиме од употреба, сепак, пластиката е неизбежна и насекаде околу нас. Она што можеме да го направиме е да го побараме соодветниот контејнер и таму да го одложиме пластичниот отпад. Контејнерот за одложување на пластика ќе го познаете по жолтата боја и знакот Пакомак кој е залепен на него, стои во соопштението од „Пакомак“.
Пакомак препорачува одложувањето на отпадот да се планира однапред, со цел да не излегуваме често на минусни температури.
- Откако ќе идентификувате колку дена ви се потребни за да ги наполните кантите за отпадоци во домот, направете и план кога ќе го изнесувате отпадот. На пример, понеделник за пластика и хартија, среда за стакло и сабота за крупен отпад. Така ќе го организирате времето и ќе излегувате на ладно само тогаш кога е навистина потребно, велат оттаму.
Оттаму потсетуваат дека секој отпад не е „ѓубре“ посочувајќи дека не мора секој отпад да заврши во контејнер.
- Природните новогодишни елки може да ги насадиме во двор, а весниците и тетратките можат да завршат како компост. Електронските уреди кои не ги користиме може да се донираат, како и старата облека која повеќе не ја носиме. Сите овие работи може да користат некому – па затоа обидете се да го најдете соодветното место за нив, велат од „Пакомак“
Како што велат од „Пакомак“, грижата за животната средина и за околината во која живееме е сечија обврска, па затоа, посочуваат да се потрудиме да им ја објасниме важноста на одложувањето на рециклабилен отпад на нашите пријатели, роднини и луѓето од нашиот потесен круг.
- Кога и да зборувате на оваа тема со нив, кажете им ја максимата на Пакомак: „Амбалажата која има минато, може да има и иднина!“, апелираат оттаму. ар/лв/