• вторник, 05 ноември 2024

Пад од 1,2 проценти на индустриското производство во април

Пад од 1,2 проценти на индустриското производство во април

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) -  Индустриското производство во април годинава во однос на истиот месец лани е намалено за 1,2 проценти, а за 2,6 проценти во првите четири месеци од годинава споредено со истиот период минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика. 

Гледано по сектори, индустриското производство бележи опаѓање од 39,6 проценти во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, а пораст во секторите Рударство и вадење на камен од 0,3 проценти и во Преработувачка индустрија од 4,7 проценти.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во одделите: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на хартија и производи од хартија, Печатење и продукција на снимени медиуми (записи), Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на останата опрема за транспорт.

Според главните индустриски групи, производството во април во однос на истиот период лани бележи пораст кај Капитални производи за 17,2 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,9 проценти, додека опаѓање бележи кај Енергија за 37,1 процент, Интермедијарни производи, освен енергија за 1,3 проценти и Трајни производи за широка потрошувачка за 3,5 проценти. лв/бак/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан