• понеделник, 23 декември 2024

Пад на државните задолжувања во ЕУ во вториот квартал од 2023 година

Пад на државните задолжувања во ЕУ во вториот квартал од 2023 година

Брисел, 24 октомври 2023 (МИА) - На крајот на вториот квартал од 2023 година, бруто државните долгови на членките на Еврозоната изнесуваа 90,3 проценти од БДП, што претставува намалување за 0,4 процентни поени во споредба со претходното тримесечје, кога тој изнесуваше 90,7 отсто, соопшти Европската статистичка агенција – Евростат. 

На ниво на цела ЕУ, пак, вкупните државни долгови изнесуваа 83,1 отсто од БДП, што исто така претставува намалување на квартално ниво за 0,3 процентни поени од 83,4 проценти на крајот на првиот овогодишен квартал. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ова намалување на долгот се должи на растот на БДП, чии апсолутни вредности го надминаа зголемувањето на државните задолжувања.  

Споредено пак на годишно ниво, државниот долг во вториот квартал во Еврозоната се намали од 93,5 на 90,3 отсто, а во ЕУ од 85,9 на 83,1 проценти.

Гледано по земји, највисок коефициент на државниот долг во однос на БДП на крајот на вториот квартал од 2023 година имала Грција од 166,5 отсто, пред Италија од 142,4, Франција од 111,9, Шпанија од 111,2, Португалија од 110,1 и Белгија од 106 проценти.  

Во исто време, најниско ниво на државниот долг споредено со БДП имала Естонија од 18,5 отсто, пред Бугарија од 21,5, Луксембург од 28,2, Данска од 30,2 и Шведска од 30,7 проценти. 

На квартално ниво во 2023 година, во девет земји членки на ЕУ се бележи зголемување на односот на долгот кон БДП, а во 18 намалување. Најголем раст е забележани на Кипар од 2,2 процентни поени, пред Словачка од 1,6, Италија 1,5 и Финска и Естонија од по 1,3 процентни поени, додека најголеми намалувања бележат Летонија од 3,5, Хрватска 2,6, Португалија 2,2, Грција 2,1, Малта 1,7, Австрија 1,6, Словенија 1,5, Холандија 1,4, Германија 1,1 и Шведска од 1,0 процентни поени. 

На годишно ниво, пак, во вториот квартал од 2023 година, шест земји членки забележале раст долгот во однос БДП, а 21 намалување. Зголемување на соодносот е забележан во Луксембург од 2,9 процентни поени, Финска 2,1, Естонија 1,6, Чешка 0,8, Словачка 0,4 и Бугарија од 0,2 процентни поени, додека најголемите намалувања има во Грција од 16,6, Португалија 11,8, Кипар 8,1, Ирска 7,4, Хрватска 6,0, Словенија 4,5, Австрија и Италија по 4,0, Шпанија 3,3 и Холандија 3,1 процентни поени. сп/

Фото: Евростат

Остани поврзан