• вторник, 24 декември 2024

ОЈО Прилеп отвори истрага против четворица осомничени за насилство во прилепската болница

ОЈО Прилеп отвори истрага против четворица осомничени за насилство во прилепската болница
Скопје, 19 април 2022 (МИА) - Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица од Прилеп и едно од селото Десово за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „насилство“ во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, каде извршиле грубо насилство врз двајца оштетени –  еден вработен како обезбедување во болницата и еден болничар. - Четворицата осомничени, на возраст од 37, 33, 39 и 30 години на 17 април, најпрвин грубо ги навредувале и им се заканувале, а потоа физички ги нападнале оштетените, нанесувајќи им повеќе тешки телесни повреди. Со насилството, кај присутните сведоци и во јавноста било предизвикано чувство на загрозување, страв и несигурност, се вели во соопштението од Jавно обвинителство на Република Северна Македонија. Против лицата има основано сомнение дека сториле кривично дело „Насилство“ од член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за четворицата осомничени. Судијата го прифати предлогот и им определи притвор во траење од 30 дена.​​ аа/дма/

Остани поврзан