• понеделник, 23 декември 2024

ОЈО поднесе обвинителен акт против четири лица во врска со убиствата на Ѓорчевска и Жежовски

ОЈО поднесе обвинителен акт против четири лица во врска со убиствата на Ѓорчевска и Жежовски

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Јавниот обвинител до Кривичниот суд достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.

Тројца од обвинетите се гонат за едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.4 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и двете казниви по чл.123 ст.3 од Кривичниот законик, едно кривично дело – Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од  Кривичниот законик и едно кривично дело  – Грабнување од чл.141 ст.1 в.в. со чл.22 од  Кривичниот законик.

Како соизвршители, заедно со уште едно осомничено лице за кое истрагата за исти кривични дела е во тек, испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп, соопшти Обвинителството. 

Како што се наведува, на 22.11.2023, заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано „Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.

На 27.11.2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата „Наум Наумовски Борче” во Скопје.

Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете.

Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи и се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано „Дупки”, во атарот на селото Бразда.

Таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка.

Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот „Цитроен” со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите.

Таткото на девојчето им помогнал да го реализираат нивниот план и тој е обвинет за помагање во кривичното дело – Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.24 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.

Обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција продолжува, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал.

Постапката продолжува и против уште едно лице кое е осомничено дека му помогнало на првоосомничениот по извршувањето на кривичното дело така што му овозможило превоз при бегството до Република Турција. За тоа лице на сила се претходно определените мерки на претпазливост. ев/бак/

Остани поврзан