• сабота, 21 декември 2024

ОЈО: Отфрлена кривична пријава за повреда на авторско право и пиратерија

ОЈО: Отфрлена кривична пријава за повреда на авторско право и пиратерија
Скопје, 26 ноември 2020 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава поднесена од пет македонски телевизии против едно физичко лице и едно правно лице за кривични дела – Повреда на авторско право и сродни права од член 157 и Пиратерија на аудиовизуелно дело од член 157-б од Кривичниот законик. Одлуката, како што информираат од ОЈО, е донесена бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност. - Според наводите во пријавата поднесена на 15.02.2019 година, пријавениот како овластено лице – главен извршен директор на правното лице, на 02.12.2018 година неовластено овозможил за неговите корисници реемитирање на програмски сервис од Република Хрватска, на кој се емитувал бокс меч за кој ексклузивни права имала откупено една од националните телевизии во земјава. Со ова, според пријавата, на телевизијата и била нанесена штета од 2.500.000 денари, се вели во соопштението од ОЈО. Постапувајќи по пријавата, надлежниот јавен обвинител доставил наредба до МВР-СВР Скопје за прибирање на целокупната документација за лиценцирање на наведената телевизиска програма и потпишаните договори за соработка на вклучените оператори врз основа на кои се обезбедени права за реемитување на програмски сервиси. - Наведениот бокс меч премиерно се емитувал на хрватскиот програмски сервис во 6:00 часот наутро, но бидејќи пријавените имале сознанија за одржувањето на спортскиот настан и за ексклузивните права стекнати на македонската телевизија, извршиле затемнување на програмите од хрватскиот сервис во периодот од 3:00 до 10:00 часот, со што било оневозможено премиерно реемитување на мечот во целост. Но, бидејќи немале никаква информација дека хрватскиот програмски сервис има намера да го репризира мечот, во преостанатиот дел од денот програмата на хрватската телевизија била реемитувана во целост, без затемнување, па на тој начин се реемитувало и репризното издание на бокс мечот, се вели во соопштението од ОЈО. Во исто време, понудувачот на услугата за реемитување на хрватскиот програмски сервис на територијата на државава, во допис до пријавеното правно лице, признал дека не испратил предупредување за затемнување на содржината затоа што такво предупредување не добил од хрватската телевизија. Притоа изразил подготвеност да ја преземе целата одговорност доколку дојде до барање за надомест за штета од македонската телевизија која ги поседувала ексклузивните права за содржината. - По извршената анализа на сите прибрани докази, произлезе дека во дејствата на пријавените не се содржани елементи на кривичните дела кои им се ставаат на товар, ниту на други кривични дела кои се гонат по службена должност. Наведените кривични дела се вршат со умисла, која недостасува во дејствијата на пријавеното физичко лице. Реемитувањето на наведената програмска содржина не се случило поради прекршување на правилата од страна на пријавените, туку поради несоодветно постапување на хрватскиот програмски сервис, кој имал обврска да го извести дистрибутерот за затемнување на програмата затоа што не ги поседувал правата за емитување на бокс мечот за територијата на државава, се вели во соопштението. Решението е доставено до оштетените, кои согласно член 288 став 2 од Законот за кривична постапка, имаат право на жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена по приемот.​​ аа/дма/

Остани поврзан