• понеделник, 23 декември 2024

Охрид повторно ќе избира спортист на годината

Охрид повторно ќе избира спортист на годината
Охрид, 10 јануари 2022 (МИА) – По неколугодишна пауза Општина Охрид повторно ќе избира спортист на годината. Според Општина Охрид, постапката ќе започне со избор на најдобрите поединци од областа на спортот за 2021 година. Наградите и признанијата за најуспешните спортистки и спортисти, тренер и спортска екипа во Охрид ќе се доделуваат за постигнати резултати во индивидуален и во клубски спорт во тековната година, на спортистки, спортисти и тренери кои настапуваат за спортски клубови чиешто седиште е во Охрид. Покрај вообичаените ќе бидат воведени и нови награди, меѓу кои и изборот на спортист/ка – странец и спортист/ка кој настапува надвор од Охрид. Наградите и признанијата за спортист/ка – странец кој настапува во екипа од Охрид, спортист/ка – од Охрид кој настапува надвор од територијата на Општина Охрид и спортист/ка во категоријата на лица со посебни потреби ќе се доделуваат на жители на Охрид за постигнати резултати во индивидуален и во клубски спорт во тековната година, на спортистки и спортисти кои настапуваат за спортски клубови на територијата на општина Охрид и надвор од неа. За прв пат ќе биде доделено и признание за спортска легенда – за посебни заслуги во спортот на лице родено во Охрид за промоција, развој и постигнати резултати во областа на спортот. Право на предлагање на кандидати за изборот на најуспешните имаат спортските клубови и нивните членови, чиешто седиште е во Охрид, како и физички лица. Конкурсот трае до 21.01.2022 година до 13 часот. аб/зс/

Остани поврзан