• среда, 23 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Официјално отворена Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“ 

Официјално отворена Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“ 

Скопје, 9 април 2025
 
Со јасни пораки на надеж, соработка и заедничка иднина, денеска беше официјално отворена Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“, која од 7-10 април во Скопје ќе обедини врвни светски и регионални лидери, академици, експерти и млади визионери. 

Конференцијата ја отвори поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој нагласи дека историјата нè учи дека цивилизациите не умираат кога ќе ја изгубат моќта – туку кога ќе ја изгубат способноста да слушаат. - Мора да ја напуштиме логиката на цивилизациска конкуренција и да ја прегрнеме логиката на нашата заедничка судбина. Затоа, да не го поставуваме прашањето кој модел ќе победи – туку како заеднички ќе создадеме нов модел. Нов договор. Нов јазик на соработка – заснован врз почит, разбирање и етичка рамноправност. Осумдесет години по војната, човештвото направи огромен чекор напред. Но, истовремено, се соочуваме со нови предизвици. Заветот на победниците сè уште може да се исполни – но само ако ја избереме иднината на мирот, солидарноста и достоинството. Ако не учиме од минатото – ќе го повториме. Ако не ја изградиме иднината – ќе ја изгубиме, порача Иванов.

Специјални видео пораки за отворањето на конференцијата упатија Мигуел Ангел Моратинос, Заменик генерален секретар на Обединетите нации и Висок претставник за Алијансата на цивилизации, и Лу Шаие, специјален претставник на Владата на Народна Република Кина за европски прашања.

Свое поздравно обраќање имаше и академик Катица Ќулафкова и Фанг Јун -  Заменик генерален секретар на Кинеската академија на општествени науки.

Во рамки на конференцијата се одржаа четири панел дискусии. Првиот панел, на тема „80 години од Втората светска војна: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“, беше модериран од амбасадорот Ивица Боцевски, а на него говореа поранешните претседатели Ѓорге Иванов, Иво Јосиповиќ (Претседател на Република Хрватска 2010-2015), Борис Тадиќ (Претседател на Република Србија 2004-2012), Младен Иваниќ (Член на Претседателството на Босна и Херцеговина 2014–2015, 2016–2017), како и Златко Лагумџија (Претставник на Босна и Херцеговина во ОН, поранешен премиер, заменик премиер и министер за надворешни работи), кој испрати специјална видео порака. 
Вториот панел под наслов „Градење иднина на мир: Улогата на Алијанса на цивилизациите во промовирање на дијалог и глобално единство“ го модерираше Иван Иванов, претседател на извршниот одбор на ICAC, а во него учествуваа Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд на Македонија, професорот Халит Ерен, советникот Шенер Билал, пратеничката и поранешна министерка Рашела Мизрахи и професорот Милан Џорџевиќ.

Третиот панел, на тема „80 години мултилатерализам: што значи тоа за следните 80 години“, понуди глобални перспективи преку видео порака од Исмаил Серагелдин, основачки директор на библиотеката во Александрија и поранешен потпретседател на Светската банка, како и преку обраќања од амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија Рафел Сориано Ортиз, амбасадорот Јован Донев, професорот Гонг Ионг и советникот за владини реформи Раби Седрак. Модератор на панелот беше амбасадорот Зоран Дабиќ.

Последниот, четврти панел беше посветен на темата „Улогата на Кина во мултилатерализмот и глобалниот развој“, модериран од Жидас Даскаловски, со говорници Хенри Вен, Фенг Жонгпинг, Шен Јуџинг и Игор Радев.

Конференцијата постави силна основа за понатамошни иницијативи и соработка во насока на глобален мир, меѓусебно почитување и заеднички вредности. Се порака дека преку дијалог и разбирање, можеме да изградиме иднина која ќе биде посветена на достоинството, правдата и човековите права.
 
ПРОГРАМА
Повеќе информации за програмата на конференцијата која продолжува денес, учесниците и говорниците можете да најдете на следниот линк https://icac.org.mk/program-participants-dialogue-for-unity-and-peace-conference-april-2025/.
За подобра координација и организација, молиме да го потврдите вашето присуство на contact@gjorgeivanov.mk или info@icac.org.mk.  
За било какви дополнителни информации, прашања или посебни барања, ве охрабруваме да не контактирате преку contact@gjorgeivanov.mk. Со задоволство ќе се потрудиме да ви излеземе во пресрет!
Во очекување на вашиот одговор, со срдечен поздрав, 


Кабинет на поранешниот претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.


 

 



Остани поврзан