• понеделник, 23 декември 2024

Откриен обид за кибершпионажа за начинот на дистрибуција на вакцините, ФБИ вклучен во одбраната

Откриен обид за кибершпионажа за начинот на дистрибуција на вакцините, ФБИ вклучен во одбраната
Вашингтон, 4 декември 2020 (МИА) - Безбедносните служби на компанијата ИБМ открија обид за кибершпионажа преку мејлови кои служеле да се соберат важни информации за начинот на дистрибуција на вакцината против коронавирусот, а ФБИ бил вклучен во одбраната. Истражувачите рекоа дека не се сигурни кој стои зад нападите, кои започнаа во септември, и дали се успешни, но додадоа дека прецизноста на нападот и претпазливоста да не остават траги зборува за потенцијалните обележја на одредени земји, се наведува во блогот на истражувачкиот тим. Нападите се извршени во земји како Германија, Италија, Јужна Кореја и Тајван и се верува дека се поврзани со развивање „ладен синџир“ неопходен за да се обезбеди вакцините да бидат ефикасни, затоа што им се потребни ниски температури. „Станува збор за пазар од речиси три милијарди луѓе, кои живеат во области каде што нема доволно ресурси за складирање вакцини на екстремно ниски температури“, додава ИБМ. - Во Америка, ФБИ соработуваше со други федерални агенции за да се обезбеди сигурен развој на вакцината и испорака, рече Тонија Угорец, заменик при киберодделот во ФБИ. - Целта е да се одбијат не само киберзаканите, туку и да се запре традиционалната шпионажа од луѓе кои сакаат да украдат интелектуална сопственост и да профитираат од неа, или да ѝ помогнат на друга држава, како и да ја нарушат довербата на САД во напорите да направат ефикасна вакцина, рече Угорец. паг/

Остани поврзан